Светскиот економски форум е отворен, a во следните денови во Давос бројни државници, банкари, бизнисмени, ќе расправаат за најважните глобални економски теми. На дневен ред денеска е обраќањето на европските лидери.

Германската канцеларка Ангела Меркел во своето обраќање на Светскиот економски форум во Давос упати критики кон американскиот претседател Доналд Трамп, но воедно побара од Европската унија да се реформира за да фати чекор со американската економија. - Европа не треба да се жали дека други држави, како САД, ги реформираат своите даночни системи, туку треба на реформите да одговори со реформи, изјави Меркел во врска со намалувањето на даноците коj ги воведе Трамп.

Во надворешната политика, Меркел изјави дека по повлекувањето на Велика Британија од ЕУ, преостанатите држави членки ќе мора да зборуваат со еден глас на светската сцена. - Треба да преземеме поголема одговорност и да ја земеме судбината во своите раце, порача Меркел. Во врска со Велика Британија, Меркел му порача на Лондон дека ЕУ не може да прави компромиси со слободата на движење на стоки, капитал, услуги и луѓе во кој било договор што ќе се постигне по Брегзит. Германската канцеларка Ангела Меркел порача дека Европа мора да ја земе својата судбина во сопствени раце и дека мора да им се спротистави на националниот егозиам и на популизмот во многу европски држави.

Во својот говор на Економскиот форум во Давос Меркел побара потесна соработка на државите членки на ЕУ во надворешната политика и најави дека без разлика што формирањето на нова влада во Берли оди бавно, Германија и натаму силно ќе придонесува во разрешување на конфликтите во светот. На Светскиот економски форум денеска се обраќаат повеќе европски лидери а главни теми се борбата против тероризмот и потенцијалните терористички напади кои ескалираа на Стариот континент.

Покрај Меркел, во Давос говори францускиот претседател Емануел Макрон, премиерите на Норвешка, Грција и Италија, како и шпанскиот крал Фелипе Шести. Американскиот престедател Доналд Трамп утре пристигнува во Давос, а ќе го одржи завршниот говор на самитот во петок.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/01/2018 20:50