Создавањето заеднички пазар на Западниот Балкан не претставува „Југославија плус Албанија“, туку можност за двојно повеќе странски инвестиции, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ по завршувањето на дискусијата „Забрзување на долгорочниот развој на западниот Балкан“, што се одржа во рамки на Светкиот економски форум во Давос.

Вучиќ пред новинарите изјави дека средбата се одржала според правилото „четам хаус“, поради што не може многу да зборува за содржината на дискусијата, но нагласи оти може да каже дека инсистирал на тоа за што секогаш инсистира – „заеднички пазар, кој би носел најмалку осум до девет милијарди долари инвестиции во споредба со 4,6, колку што изнесуваа претходната година“.

– Бројките и фактите зборуваат подобро од сите наши политички идеи. Во претходната година, Западниот Балкан или поточно Србија и четирите други земји и територијата на Косово, имаа вкупно 4,5 до 4,6 милијарди долари странски директни инвестиции. Да создадеме заеднички пазар, каде што би имале заеднички такси, тарифи, царини, фискални давачки, заеднички стимулации и субвенции за странци, да имаме целосно единствен пазар без економски граници, а не политички, тој број би изнесувал најмалку осум или девет милијарди долари, изјави Вучиќ.

Како што истакна, тоа се изгубени инвестиции само затоа што не било можно да се да се постигне договор.

– Затоа ќе продолжам да ја промовирам мојата идеја за регионална економска зона и ќе продолжам да работам на тоа, иако знам кои земји директно се противат, изјави Вучиќ, истакнувајќи дека Албанија по тоа прашање се согласува со Србија.

Тој констатираше дека тоа е од огромна важност и дека ќе донесе најбрз просперитет и најголем можен напредок за сите и пред да влезот во ЕУ.

– Ќе го прифатат ли ова сите други? Мислам дека тие се под зголемен притисок и дека се потешко можат да одговорат на прашањата на луѓето од ЕУ кои исто така сметаат дека сето ова е важно и дека тоа е одлична идеја, изјави српскиот претседател.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/01/2018 22:13