Репрезентацијата на Хрватска успеа со победа да го заврши Европското првенство на кое е домаќин, откако попладнево во дуелот за петтото место во „Арена Загреб“ ја победи Чешка со 28:27 (16:10).
Голот за победа го постигна Златко Хорват во претпоследната минута од седум метри и за водство од 28:26. До крајот на дуелот Чешка постигна еден гол, а во последниот напад за Чесите Станислав Кашпарек биеше над голот.
Хрватска одигра добро прво полувреме по кое водеше со 16:10, додека Чешка беше подобар ривал во вториот дел и за малку ќе се „вратеше“ како на дуелот со Македонија од пред неколку дена.
Крилото на Хрватска, Хорват со 10 голови беше и најефикасен во својата репрезентација, додека на дуелот најпрецизен беше Ондреј Здрахала од Чешка со 13 голови.
Вечерва се играат полуфиналните дуели: Шпанија - Франција (почеток 18 часот) и Данска - Шведска (почеток 20:30 часот).