Се направија некои чекори за приближување, имаше и знаци на разбирање и добра волја, рече грчкиот премиер на средбата со претседателот на Грција, во однос на развојот на настаните во македонско-грчките односи. Во почетниот дијалог пред камерите, јавува дописникот на МИА од Атина, Алексис Ципрас и Прокопис Павлопулос, го споменаа и иредентизмот.
– Мислам дека имаше обид за приближување и се направија некои чекори. И во однос на знак на разбирање дека прашањата за иредентизмот се прашања што треба да станат приоритет кон решавање. Мислам дека е позитивна и знак на добра волја промената на имињата и на аеродромот и на автопатот што ги поврзува двете земји, бидејќи тоа е критично прашање, сите имаме голема чувствителност, никој не може да ја преземе историја на друг народ. Оттука па натаму, мислам дека во следниот период ќе инсистираме на интензивирање на нашите обиди, рече грчкиот премиер и додаде дека неговата влада се обидува да ги реши прашањата што долги години се нерешени.
Грчкиот претседател, говорејќи за Македонија, го спомена иредентизмот како најголем проблем.
– Иредентизмот и елиминирањето на иредентизмот, не е прашање само на Грција, не е тема што ја поставуваме само ние. Треба и нашите соседи да разберат дека е прашање и на Европската унија. Иредентизмот е комплетно спротивен на европското законодавство. Според тоа, било кој тек и до Европската унија поминува преку елиминирање на сите оние иредентистички елементи што постојат во името, му рече грчкиот претседател на Ципрас, пренесува МИА.
Прокопис Павлопулос, додаде дека пријателите и партнерите на Грција не треба да заборават дека иредентистички тенденции во името постоеле уште кога нашата земја станала дел од Југославија, а тоа било посочено не само од Грците, туку и од САД.
Грчкиот претседател рече дека Грција има добра намера, но никој не треба да заборави дека земјата ги брани историјата, меѓународното право и европското законодавство.
Денешната средба на Ципрас и Пвалопулос во претседателската палата, јавува дописникот на МИА од Атина, е во рамките на активностите на грчкиот премиер да ги извести политичките сили во земјата сѐ со цел да се постигне широк национален консензус.
Претходно, во неговиот кабинет, на состанок што траеше два и пол часа, Алексис Ципрас, за резултатите од средбите во Давос, меѓу кои и онаа со македонскиот премиер, разговараше со министрите од неговата влада. Според грчките медиуми, на состанокот, присутни биле, вицепремиерот на владата, политичкото раководство на Министерството за надворешни работи, министрите за внатрешни работи, за финансии, за дигитална политика, за животна средина, развој и енергија.