Претседателот на најголемата грчка политичка партија Нова демократија, по средбата со грчкиот премиер, ја отфрли можноста да и даде поддршка на Владата за формирање на поширок национален консензус за прашањето со името.
Кирјакос Мицотакис по средбата со Алексис Ципрас, јавува дописникот на МИА од Атина, упати критики за начинот на кој грчката Влада управува со конкретното прашање. Тој рече дека биле направени отстапки без конкретни и неповратни добивки, а Ципрас, наместо да создаде силен национален фронт, на прво место ја ставил партијата и „на овој начин го затвора прозорецот на можност што околностите го понудија да се искористи“.
„Начинот на кој се развиваат преговорите предизвикува сериозна загриженост. Владата веќе направи отстапки без да добие конкретни и неповратни размени за нашата земја. Многу сериозниот пропуст на господинот Ципрас, директно и јавно да го постави прашањето за промена на Уставот на соседната земја, како неопходен предуслов за да постојат било какви преговори, ја ослаби националната линија. Фрагментација на решението на поединечни прашања не може да биде прифатена, затоа што директно ги поткопува интересите на Грција, рече Мицотакис.
Средбата меѓу грчкиот премиер и претседателот на Нова демократија, јавува дописникот на МИА од Атина, траеше 45 минути. Мицотакис си замина без да даде изјава пред премиерската палата. Реши тоа да го стори од неговиот кабинет во грчкиот Парламент.