Ако првиот натпревар од Главната фаза на лигата на шампионите треба да биде некој показател за формата на Вардар во пролетниот дел од сезоната тогаш триумфот на вардарки над Мец од 29-23 (15-9) покажува дека „црвено-црните" остануваа еден од главните тимови за освојување на европската круна. Нашите девојки покажаа извонредна игра и забалежаа уште една победа со која го зацврстија Вардар на лидерското место на табелата и Вардар е единствен тим со максимален број на победи во лигата на шампионите сезонава.
Самиот факт што Мец уште во првите 20 минути од натпреварот мораше двапати да побара тајм аут покажува за супериорноста на нашите девојки, но и немоќта на гостинките. Вардар почна моќно покажувајќи колку им недостасувале натпревари во изминатиот период за да ја демонстрираат сопствената надмоќ. По почетните 2-2 во 6 минута потоа сѐ беше во знакот на „црвено-црните". За пет минути Вардар имаше предност од 7-3 најавувајќи дека не само што ќе победат туку и ќе се борат за голема гол разлика.
Мец немаше идеја како да се спротистави на играта на Вардар, ниту пак шанса да ги сопре нашите ракометарки во напад. Ги користивме сите шанси, особено оние за лесни голови од контра. Во првото полувреме имавме одлична реализација од 56 отсто на ударите. Седум голови предност беше највисоката предност во овој дел од натпреварот, вардарки водеа со 14-7. На полувреме заминавме со предност од 15-9 како најава за уште една победа.
Предноста создадена во првото полувреме беше доста висока, но гостинките од Франција не покажаа дека се предаваат. Намалија на „минус 4", а Лејно не им дозволи во 39 минута да намалат на „минус 3". Мец играше добро, ние имавме период на слаба игра, а токму по голот на Грасе за намалување на резултатот на 19-16 беше причина клупата на Вардар да побара тајм аут.
Лакрабер зголемува на 20-16, а потоа двете екипи имаа неколкуминутен период на игра без добра реализација, сѐ до 43 минута кога Хмирова, а потоа и Пенезиќ повторно му донесоа „мирна завршница" на Вардар за водство од 22-16. И повторно Мец мораше да бара тајм аут за да се обидат Французинките да се извлечат од ситуацијата и да најдат сили како да се спротистават на расположените вардарки.
Лошиот период на игра на нашите девојки заврши, па пак имавме предност од „плус 7" за водство 23-16, а потоа преку Драгана Цвијиќ и највисокото до тој момент, 24-16. Делуваше на терен како сѐ да е решено. Вардар играше според посакуваното, Мец немаше решение и се чекаше само крајниот резултат од натпреварот. Осумте голови предност за Вардар потоа уште неколкупати беа во игра, а гостинките веќе прифатија дека нема да можат да освојат бодови.
Пивотменот Драгана Цвијиќ повторно беше една од главните алки во тимот со реализација 7/7. Голманот Амандин Лејно оствари 18 одбрани, а Ина Суслина две.
На крајот Мец заминува со негатива од шест гола, 29-23, исто како и што заврши полувремето. Со оваа победа Вардар останува лидер во групата со 10 бода. Во следното коло Вардар гостува во Германија кај Битигхајм на 4 февруари.