Руската полиција денеска изврши рации во канцеларии на опозицискиот активист Алексеј Навални, кој се обидува да организира протести во повеќе руски градови и ги повикува гласачите на бојкот на претстојните претседателски избори.
Четири канцеларии на Навални биле цел на рации, а преку 60 лица биле уапсени, јавуваат руските медиуми. Во една од рациите била затворена и телевизиска станица која ја води Навални.
Од друга страна, по неколку стотици до илјади демонстранти се собрале во градовите Екатеринбург и Владивосток. Градските власти на Москва ги предупредија поддржувачите на Навални дека нивниот најавен протест нема дозвола за одржување.
Навални не доби дозвола да се кандидира на претседателските избори поради пресудата за измама, по што тој ги повика Русите на бојкот. Владимир Путин е водечки кандидат на изборите кои треба да се одржат во март.