Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера ја критикуваше одлуката на полскиот Парламент да се определи казна затвор за лицата кои ќе го употребуваат изразот „полски логори на смртта“ во контекст на Холокаустот. Полска инсистира дека логорите на смртта, како Аушвиц, кои германските нацистички власти ги отвориле во текот на Втората светска војна на полска територија, биле дело на нацистичка Германија, при што Полска и самата била жртва на нацистите.
Но, Нетанјаху и други израелски политичари реагираат сметајќи дека со законот се негира дека и Пољаци вршеле злосторства врз своите соседи - Евреи.
- Законот е неоснован. Јас сум строго против неговото донесување. Не можеме да ја смениме историјата. Холокаустот не смее да се негира, изјави премиерот Нетанјаху.
Полската амбасада во Израел и израелски пратеници вчера јавно се судрија околу прашањето, при што пратениците изнесуваа примери на Евреи убиени од страна на Пољаци, а не Германци, за време на војната.
Меморијалниот центар Јад Вашем издаде соопштение во кое потврдува дека изразот „полски логори на смртта“ е неточен, и дека се работело за германски логори отворени на полска територија. Но, во исто време, центарот бара да не се криминализира укажувањето на историскиот факт дека имало злосторства извршени и од страна на Пољаци кон Евреи.