Рускиот опозициски лидер, Алексеј Навални денеска е приведен во Москва за време на протестите на неговите приврзаници кои повикуваат на бојкот на претседателските избори во март, јавуваат светските агенции.
Навални ги повика своите приврзаници да продолжат со протестите и покрај неговото приведување.
„Ме приведоа. Тоа не значи ништо, не излеговте поради мене, туку поради својата безбедност“, напиша Навални на „Твитер“.
Инаку, денеска пријавени се повеќе протести ширум Русија на кои учествуваат од неколку десетици до неколку стотици демонстранти.
Претседателските избори се закажани за 18 март, а според анкетите, рускиот претседател Владимир Путин има поддршка од околу 80 отсто од гласачите.