Главниот обвинител во Њујорк, Ерик Шнајдермен изјави дека таа сојузна американска држава покренува истрага за фирма која наводно продала милиони лажни следачи (ботови) на корисници на социјални мрежи.
- Лажното претставување и залажување е незаконско според законот во Њујорк - порача Шнајдермен.
Како што пренесува Би-Би-Си, компанијата „Девуми“ е обвинета за кражба на идентитети на вистински личности, а таа го демантира тоа.
„Њујорк Тајмс“ објави обемен извештај за фирмата „Девуми“ во кој, меѓу другото, се наоѓаат интервјуа со лица кои навеле дека детали од нивните профили, како и фотографии од профилите, биле копирани за да се креираат реалистични „ботови“.
Њујоршкиот весник ја поврза „фабриката за следачи“ со голем број профили на познати личности. Како што е наведено, оние кои сакале да го зголемат бројот на свои следачи на социјалните мрежи, меѓу кои има актери, предприемачи и политички коментатори, можеле да платат за да ги заследат „ботови“.
Голем број следачи на социјалните мрежи го зголемува влијанието, што може да се одрази и на јавното мислење или да донесе привилегии за сопствениците на профилите, како што се деловни понуди или договори за спонзорство.
Шнајдерман рече дека е загрижен затоа што тие „скриени“операции ја поткопуваат демократијата.
На својот сајт, „Девуми“ им нуди на клиентите шанса да нарачаат до 250.000 следачи на Твитер, почетната цена е 12 долари, а можат да купат и лајкови и ритвитови.
Компанијата исто така продава следачи и на други платформи меѓу кои и „Пинтерест“, „Линкд-ин“, „Саундклауд“и „Јутјуб“.
На сајтот на фирмата се наведува дека „Девуми“ им помогнал на повеќе од 200.000 фирми, музичари, јутјубери и други да бидат поистакнати и да остварат поголемо влијание врз својата публика.
Фирмата е регистрирана на адреса во Њујорк, иако „Њујорк Тајмс“ наведува дека вистинската адреса на канцеларијата на фирмата е на Флорида, како и дека вработува работници од Филипини.
Според весникот, „Девуми“ има најмалку 3,5 милиони автоматски профили, од кои многу се повторно продавани.
Како што е наведено, најмалку 55.000 профили „користат имиња, профилни фотографии, адреси и други лични детали на вистински Твитер корисници, меѓу кои и малолетници.
„Њујорк Тајмс“ исто така открил дека голем број многу познати профили на Твитер имаат следачи од „фабриката“ на „Девуми“.
Твитер исто така го прокоментара отворањето на истрагата наведувајќи дека работи на тоа да ја спречи активноста на Девуми и компании слични на неа.