Спогодбата нема да биде земи или остави. Другата страна ќе има можност да интервенира со свои предлози, вели шефот на грчката дипломатија, по работниот ручек со Нимиц, одговарајќи на прашањето на дописникот на МИА од Атина, во однос на нацрт спогодбата што ја најави синоќа во интервјуто за ЕРТ.

Никос Коѕијас вели дека македонската страна е запознаена со идејата, меѓутоа содржината ја разработува Атина, додека пак за временскиот рок, кусо коментира „што е можно побргу“. За нацрт спогодбата, пак, вели дека го известил и медијаторот Нимиц.

– Другата страна знае за спогодбата, само што содржината ја разработуваме ние – вели Никос Коѕијас, на прашањето на МИА, а во однос на тоа дали нашата страна ќе има можност да даде предлози за одредени точки потенцира дека предлогот не е земи или остави.

– Секако. Предлогот ќе биде наш, може да побара да ја смени цела, може да има алтернатива со нејзино решение, измени. Не е земи или остави. Тоа е предлог за разговор, за дијалог за да се олеснат преговорите – објаснува шефот на грчката дипломатија одговарајќи на прашањето на дописникот на МИА од Атина.

Во однос на временскиот рок вели дека што е можно побргу, толку подобро, но потребно е многу работа.

– Зависи од тоа дали предлозите што ќе ги доставиме ќе бидат прифатени од другата страна или ќе го започнеме од почеток целиот разговор за спогодбата – објасни Котијас, а за евентуална средба со шефот на македонската дипломатија вели дека ќе се видат штом го подготват нивниот предлог.

Во однос на разговорите со медијаторот, Коѕијас вели дека имале креативна и продуктивна средба, на која шефот на грчката дипломатија го известил за спогодбата, му ги пренел грчките позиции во однос на предлозите доставени од медијаторот и таму каде што Атина имала загриженост за одредени делови, биле предложени алтернативни решенија и методи.

– Немам временски рок – рече шефот на грчката дипломатија, запрашан за рокот за решение до НАТО самитот, објаснувајќи дека „ако не можеме да се договориме, ќе продолжиме со разговорите“.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/01/2018 19:39