Предлогот за нацрт спогодба што го соопшти шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас, позитивните и оптимистички изјави на Нимиц, и следната станица на медијаторот и разговорите во Скопје, се темите на кои грчките медиуми го ставаат акцентот по вчерашните активности на медијаторот на ОН во Грција.
„Атина ја претстави нацрт спогодбата“; „Метју Нимиц во Скопје, со предлозите од Коѕијас“; „Нимиц: Време е за одлуки“; „Преговори без временски рок“; „Спогодбата в фокусот на разговорите на Нимиц и Коѕијас“; „Нимиц: сега е соодветно време за решение“ се само дел од насловите во грчките медиуми, јавува дописникот на МИА од Атина.
Новинарите кај јужниот сосед ги пренесуваат изјавите на медијаторот и шефот на грчката дипломатија по вчерашната средба и коментираат дека Нимиц од Атина заминува за Скопје, каде што ќе разговара за неговите, но и за грчките предлози и идеи.
– Задржувајќи ја доверливоста на содржината на разговорите, министерот за надворешни работи Никос Коѕијас и специјалниот претставник на ОН, Метју Нимиц, нивната средба во Атина ја карактеризираат како „креативна и продуктивна“, а јавно се согласија дека прашањето за името на ПЈРМ веќе е созреано кон решение, пишува весникот „Нафтемборики“
– Се очекува Нимиц на раководството на ПЈРМ да му ги пренесе грчките предлози за решавање на името, додека, пак, ќе разговараат и за предлозите, односно како што самиот рече „неговите идеи“ за името, пишува информативниот портал Ин.