Солун кажа, сега е редот на Атина да викне: Македонија е една и е грчка, порачуваат организаторите на протестот закажан за в недела, во официјалниот видео спот објавен на социјалните мрежи. Организаторите ги повикуваат граѓаните масовно да излезат на атинскиот централен плоштад, пред грчкиот парламент.
„Гркинки и Грци, Македонци и Македонки, сите во Атина в недела, на 4 февруари, сите на плоштадот Синтагма на пладне. Таму, пред парламентот ќе ја изразиме нашата желба. Не за терминот Македонија во името на соседите, не за иредентистичките членови во Уставот на Скопје. Солун кажа, на ред е Атина да викне: Македонија е една и е грчка“, повикуваат организаторите преку видео спотот.
На социјалните мрежи се објавуваат информации за сите граѓани што од цела Грција сакаат да присуствуваат на протестот во Атина, листи со автобуси со возен ред од секој грчки град, лица за контакт и цени, доколку превозот не е бесплатен. Цените се со попуст во однос на регуларните автобуски билети, а ист е случајот и со цените на билет за траект од Крит. На Грците од овој грчки остров им се нуди 50 отсто попуст. Според организаторите, од Солун за Атина, на секои 5 минути ќе тргнува по еден автобус.
Очекувањата во Грција, се дека протестот во недела, може да биде многу помасовен од оној во Солун одржан на 21 јануари. Според официјалното соопштение од грчката полиција, тогаш на улиците во грчкиот град излегоа 90 илјади граѓани, нешто што предизвика реакции како од медиумите, така и од организаторите дека официјалните власти соопштиле значително помал број од вистинскиот. Организаторите очекуваат дека во недела, во Атина ќе се соберат над милион граѓани.
Во поширокиот дел на центарот на Атина, на околните улици што водат кон грчкиот Парламент и плоштадот Синтагма, организаторите ќе постават звучници.
До сега, протестот јавно го поддржаа: Грчката православна Црква, политичките партии Нова демократија, Независни Грци и Сојуз на централисти, грчкиот композитор Микис Теодоракис, но и Сојузот на општини во Грција.
ГПЦ, во недела ќе учествува со тројца претставници, митрополити членови на Светиот синод, кои на граѓаните ќе им го прочитаат соопштението и одлуката на Синодот за неприфаќање на терминот Македонија и изведените зборови во името, но и црковниот аспект на целото прашање.
Пратеници од опозициската Нова демократија, јавно, преку грчките медиуми, порачаа дека со нивното учество во центарот на Атина, ќе му дадат поддршка на протестот.
Коалицискиот партнер во грчката Влада, Панос Каменос, рече дека членовите на неговата партија како слободни граѓани ќе учествуваат во протестот за „Македонија“ затоа што грчките граѓани „ги изразуваат националните позиции и им помагаат на преговорите“. Тој во недела, меѓутоа, нема да биде во Атина и затоа нема да присуствува, но неговото семејство ќе биде на протестот.
Грчкиот композитор Микис Теодоракис ќе биде централниот говорник на протестот, откако ја прифатил пораката на организаторите и или директно или преку снимена порака ќе им се обрати на граѓаните.
Контра протест и собири во сабота вечер
Паралелно со протестот на плоштадот Синтагма, на оддалеченост од само 800 метри, анархистите подготвуваат контра протест, односно антифашистички собир. Официјалниот почеток е закажан за 12 часот, два часа порано од оној за „Македонија“.
Двата протести, според медиумите кај јужниот сосед, го вклучија алармот во грчката полиција. Постои страв, загриженост, но и зголемена раздвиженост кај полицијата за се избегнат евентуални инциденти.
Дополнителна загриженост создаваат и двете паралелни демонстрации закажани за сабота вечер. Едниот од Златна зора, другиот од анархистичка организација.
Членовите на ултра националистичката партија во сабота во 19 часот, повикуваат на протест пред нивниот штаб, за да им одадат почит на загинатите пилоти од грчкото воздухопловство во инцидентот на островот Имија во 1996 година, но собирот ќе биде и за „Македонија“.
-Оваа година, настанот, освен за сеќавање на Имија, ќе испрати и силна порака: Македонија е само грчка, соопштуваат од Златна зора во најавата за протестот.
Антифашистичкиот собир е закажан за местото на кое е се наоѓа споменикот на загинатите војници, онаму каде што најчесто, како што покажува искуството од минатите години, завршува протестот на Златна зора, што започнува од централните канцеларии на партијата.