Собрана е над 1,5 тон користена топла зимска облека во рамки на акцијата „Сите стоплени во зима“ на иницијативата Мрдни со прст – голема ревија на 15 водечки модни дизајнери со 24 јавни личности во улога на модели. Облеката ќе биде донирана на лица на кои им е најитно потребна.

Ревијата на 15 водечки македонски модни дизајнери, на која јавни личности ги претставија нивните модели со користена облека се одржа синоќа во Младинскиот културен центар во Скопје, со која заврши акцијата „Сите стоплени во зима“.

На модната ревија беа претставени креации на 15 македонски модни дизајнери, кои доброволно се вклучија во акцијата „Сите стоплени во зима“, мрднаа со прст и изработија креации со користена зимска облека, на која ѝ дадоа нов лик – Никола Булевски, Лидија Георгиева, Јасмина Дракуловска, Олгица Ѓорѓиева, Никола Ефтимов, Горан Костовски – Индог, Јана Манева Чупевска, Силвија Михајловска „Алшар“, Благој Мицевски, Антонија Ристовска, Нина Симовска, Емилија M. Ставрова „Ем Елефантски“, Ирина Тошева и Иван Петрушевски – Флим, Јована Филиповиќ и Јана Ацевска „Капка“.

Нивните креации ги претставија 24 јавни личности, кои исто така доброволно се вклучија во акцијата за да се собере што повеќе топла зимска облека, и тоа: Огнен Јанески, Јана Бурческа, Наташа Петровиќ, Симона Спировска, Емра Куртишова, Јелена Богојевиќ, Дани Димитровска, Дарија Андовска, Леа Таки, Матеја Киселичка, Анастасија Данчевска, Јана Мишо, Сара Миленковска, Наташа Мијата, Елена Зисовска, Ана Петрушева, Сара Климовска, Соња Михајлова, Сандра Грибовска, Снежана Сани Богдановска, Анастасија Богдановска, Милена Атанасова, Ивана Павлаковиќ и Билјана Тануровска Ќулавковска.

Акцијата „Сите стоплени во зима“ започна во декември и до крајот на јануари беа собрани илјадници парчиња топла зимска облека, која преку организациите „Љубезност“ и „СОС Детско село“ ќе им биде подарена на нашите сограѓани на кои им е најпотребна.

Во поддршка на акцијата, Младинскиот културен центар го отстапи просторот за ревијата, DJ ГОЦЕ САФ се погрижи за атмосферата, „Кариера плус“ за шминката, а облека се собираше и во кафулињата „Љубов“ , „Радио бар“, „Мартини“, „Лед цепелин“, „Нано бар“, „Бај пас“, „Дежа ву Капитол мол“, „Лонг плеј“, „Винил“, како и во компаниите оне.Вип, Телеком, Халк банка и НЛБ банка.

Мрдни со прст е граѓанска платформа чија мисија е да поттикне акција на размислување за индивидуалната одговорност и зголемување на вклученоста во решавањето на општествените прашања што сите нè засегнуваат, бидејќи секое мало мрдање придонесува за големи резултати и промени. Иницијативата започна пред повеќе од една година и ги поттикна граѓаните да почнат да размислуваат за својот индивидуален придонес, како и активно да се вклучат во адресирањето или решавањето на проблемите со кои секојдневно се соочуваат. Секој граѓанин, граѓанска иницијатива или организација може да стане дел од „Мрдни со прст“.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/02/2018 11:47