Алексис Ципрас се соочува со голем народен и политички отпор кон каква било употреба на терминот „Македонија“ во името на земјата. Од друга страна, пак, дипломатската награда за решавање на спорот за името што може да ја добие е значајна за него и би го претворила во своевиден Ото фон Бизмарк на Балканот, пишува „Фајненшл тајмс“ во написот под наслов „Ципрас игра покер во врска со Македонија“.

Угледниот британски весник правејќи историски осврт на спорот помеѓу двете земји до денес, нагласува дека околу 60 проценти од Грците се противат на сложено име кое ќе го содржи терминот „Македонија“, а укажува и на илјадниците граѓани кои учествуваа на протестите во Солун минатиот месец, како и на претстојниот протест што е закажан за в недела во Атина.

ФТ пишува дека грчката опозициска Нова демократија го нападнала Ципрас што не ги вклучил во разговорите за името и додава дека Грчката црква, која на почетокот му дала поддршка за Ципрас, сега е против него. Во целата оваа мешаница, која според весникот наликува на хаос, е и ставот на ултранационалистите кои се дел од коалицијата во владата на Ципрас, а кои прашањето за Македонија го ставаат во центарот на нивната идентитетска политика.

– За лидерот на СИРИЗА и самото разгледување на името е стратегија со висок ризик во година во која земјата треба да го слави своето излегување од осумгодишната должничка криза. Сепак, можната дипломатска награда е значајна за него. Под притисок од Вашингтон, кој сака Македонија да се приклучи на НАТО годинава, и на Европската унија, која уште размислува за олеснувањето на грчките долгови, компромисот што би го постигнал Ципрас би го претворил во своевиден Ото фон Бизмарк на Балканот, наведува „Фајненшл тајмс“ во својата анализа.

Од друга страна, пак, се додава во анализата, весникот заклучува дека за длабоко емотивните Грци, кои се под моќта на странските кредитори речиси една деценија, ова може да е капката што ќе ја прелее чашата.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/02/2018 13:03