Убеденост дека до јуни ќе се реши прашањето за името, изразува шефот на грчката дипломатија во интервју за Ројтерс и вели дека решението е во интерес и на Грција и на регионот.

– Во животот, Александар Велики… докажа дека треба да ги сечеме Гордиевите јазли. Во еден момент, треба да завршиме со такви прашања. – вели Никос Коѕијас во интервјуто за Ројтерс, јавува дописникот на МИА од Атина, а изразува и оптимизам дека решение може да има до јуни, објаснувајќи дека тоа е во интерес на сите.

-Сакаме да го решиме. Тоа е во наш национален интерес и во интересите на регионот, за стабилност, безбедност и економски раст. – вели Коѕиас за Ројтерс и додава дека постои нов моментум по промената на власта кај нас, а ја споменува и нацрт спогодбата што Грција ќе и ја достави на Македонија.

Во интервјуто, го повторува она што во вторникот го кажа по средбата со Нимиц, одговарајќи на прашањето на дописникот на МИА, дека спогодбата нема да биде текст што ќе ги содржи само грчките ставови, ниту пак завршен договор, туку ќе биде основа врз која ќе може да се започне соработка.

Ројтерс коментира дека грчката Влада не успеа да формира широка политичка поддршка за преговорите, а Коѕијас за недостигот на поддршка вели: „Да ви кажам еден парадокс“ запрашувајќи се, „ако не се постигне денес договор, кое име останува?“.

– На меѓународно ниво, ќе останеме со рамно „Македонија“, така што нема да бидеме во корист, а во нашите (билатерални) односи ќе остане „поранешна југословенска Република Македонија, вели шефот на грчката дипломатија и додава дека само се лажеме со лингвистичка акробација, затоа што граматички, името ќе го вклучува терминот Македонија, но со хронолошка дефиниција.

Во однос на протестите во Грција, Коѕијас вели дека тие се знак на демократија, а луѓето и во двете земји што не се согласуваат со добар компромис, не значи дека имаат лоша намера.

– Тоа се едноставни граѓани, кои проблемот го гледаат од различен агол, без да ги земат во предвид историските или идните перспективи за соработка, вели шефот на грчката дипломатија за Ројтерс, пренесува МИА.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/02/2018 23:22