Вардар ја продолжува серијата без порази во СЕХА Газпром лигата по ремито 25-25 (12-12) против Мешков во 12 коло од регионалното натпреварување. Од гостувањето во Белорусија можевме да се вратиме и со три бода, но последниот удар на Даинис Криштопанс од девет метри го одбрани домашниот голман Раде Мијатовиќ.
Мешков се надеваше дека ќе биде првиот тим што сезонава успеал да го победи Вардар, бидејќи „црвено-црните" отпатуваа на овој натпревар без неколку ракометари од првиот состав. Но, и покрај тоа, и покрај заморот кај дел од играчите кои до пред неколку денови настапуваа на ЕП во Хрватска сепак нашите момци одиграа натпревар во кој постојано беа во игра, а во самата завршница направија и пресврт со можност да триумфираат.
За Вардар ова е прв натпревар сезонава во СЕХА Газпром лигата на кој освојуваат само еден бод, но и покрај тоа го задржаа лидерското место на табелата со 34 бода, осум повеќе од второпласираниот Целје. Тимот на Мешков остана на четвртото место со 22 бода.
Домашните ракометари во текот на натпреварот повеќепати имаа предност, а во самата завршница работите се свртеа во корист на Вардар. Во 54 минута Мешков водеше со 24-22 со надеж дека предноста ќе биде преточена во победа на крајот од средбата. Но, Вардар не се предаваше. Прво Тимур Дибиров намали на 24-23, а потоа двапати Лука Циндриќ реализираше за водство на гостите од 24-25. Мешков имаше 40 секунди за напад, и го искористија на израмнување преку Разгор.
Последниот напад Вардар можеше да реализира преку Мораеш, но тој беше фаулиран. Останаа само неколку секунди, единствено Даинис Криштопанс да се обиде од девет метри да погоди, но тој удар го одбрани Раде Мијатовиќ.
Почетокот на натпреварот беше во знакот на Мешков чии ракометари поведоа со 5-2, а во 18 минута првпат Вардар израмни, 18-18. Арпад Штербик имаше свои минути на средбата и одбрани 11 топки, меѓу кои и пеналот на Растко Стојковиќ во клучните моменти од натпреварот.