Шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас вчера добил писмо со закани до него и неговото семејство во кое меѓу другото пишувало: „Имаме три куршуми за тебе“, соопшти министерот за цивилна заштита на Грција, Никос Тоскас.

Како што јави дописникот на МИА од Атина, Тоскас, утрово говорејќи за грчката телевизија Антена изјави дека анонимниот допис бил испратен вчера и веќе е „во рацете“ на надлежните полициски служби за пронаоѓање на оние што го испратиле.

- Никос Коѕијас ги води преговорите со маестрални потези со насоките што ги добива од премиерот, а климата не ја одредуваат ниту радикалните гласови од една или друга страна ниту дописите што некои се осмелија да ги пратат до министерот за надворешни работи и да говорат за три куршуми и закани, изјави Тоскас.

Грчкиот министер за цивилна заштита рече дека ваквите постапки се само затоа што некому не му се допаѓа начинот на кој се преговара.

- Мислам дека не треба да коментираме колку е опасно тоа да се праќаат дописи до оние што се обидуваат да ги решат, на чесен начин, проблемите, затоа што не им се допаѓа начинот на кој се водат преговорите, додаде Тоскас.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/02/2018 17:14