Стотици илјади луѓе се очекува да излезат на утрешните протести во Атина против употребата на зборот „Македонија“ од страна на ФИРОМ, пишуваат грчките медиуми.
Организаторите очекуваат толпата да ги надмине бројките на демонстрациите одржани во последните години во главниот град на Грција. Според нив, протестот ги надминува политичките партии и неговата порака е патриотска и непартиска. Протестот тврдат дека е финансиран од „македонски организации во Грција и надвор од неа, особено од САД“.
Се очекува на протестот да дојдат повеќето пратеници на конзервативната партија Нова Демократија.
Нивниот лидер, Киракос Мицотакис рече дека партијата ги почитува сите кои бираат да присуствуваат, но и оние кои нема да присуствуваат на протестот.
Поранешниот конзервативен премиер Антонис Самарас рече дека недела ќе биде „голем ден за земјата“.
Медиумите пренесуваат дека грчката полиција е на готовс за да бидат превенирани можни немири откако беше закажан и контра -протест во близина на главниот протест.
Полицијата ќе придружува и десетици автобуси кои ќе носат демонстранти од другите делови на земјата на главниот протест кој е поддржан од грчката црква.
Весникот Катимерини пишува дека најавените протести ја ставаат грчката влада под притисок, во сензитивно време кога таа влегува поактивно во преговорите за решавањето на спорот со името. Според Катимерини, се очекува протестот да има значаен одзив и досега се организирани дури 1.500 автобуси кои треба да донесат луѓе на плоштадот Синтагма.