Претседателот на Ракометната федерација на Македонија, Живко Мукаетов на денешното редовно Годишно собрание се осврна на настапот на репрезентацијата на ЕП во Хрватска.
Тој изрази задоволство од прикажаното во Загреб, во првата групна фаза, но искажа забелешки за игрите во Вараждин во вториот дел од шампионатот.
– Настапот во првата фаза беше максимално успешен, но за жал во втората рунда не продолживме така. Загубивме од Шпанија, Данска и од Чешка со која можевме да извлечеме подобар резултат. Апелирам за во иднина, поединци, личните проблеми и суети да ги оставаат во Скопје и да се посветат на играта, да бидат сконцентрирани на сите натпревари до крај, изјави Мукаетов.
Тој ја пофали работата на селекторот Раул Гонзалес.
– Сакам да упатам комплименти до стручниот штаб и селекторот Раул Гонзалес, кој се надевам дека и понатаму ќе остане на нашата клупа. Тој испеа да промовира четворица млади играчи, а истовремено да се бори со силините противници. Се надевам дека ќе имаме успешен настап во баражот за Светско првенство во 2019 година, додаде Мукаетов.