Вардар повторно победува и од напорното гостување во Словачка нашите момци се враќаат со полн плен и три бода, победувајќи го тимот на Татран со 30-22 (14-13). Со овој триумф Вардар и теоретски обезбеди место на завршниот Ф4 турнир во регионалното натпреварување. По 13 одиграни натпревари Вардар им 37 бода и останува лидер на табелата.

Во Прешов игравме и без Данил Шишкарев кој доби поштеда, а во тимот ги немаше нити Илија Абутовиќ, Вуко Борозан, Владо Недановски и Иван Чупиќ кои се повредени. Жоан Кањељас и Арпад Штербик воопшто не влегоа во игра. Веднаш по натпреварот во Белорусија пред два дена тргнавме на пат за Словачка и немавме многу време за одмор. Триумфот не беше доведен во прашање иако во текот на добар дел од средбата домашните ракометари постојано беа зад нас, и неколкупати дури и го израмнија резултатот.

Ова е 25 натпревар по ред на кој Вардар освојува бодови, што е нов клупски рекорд. Од тоа 13 натпревари се во СЕХА Газпром лигата, 10 во Лига на шампионите и еден во домашниот Супер Куп и еден во Супер Глоуб.

Последните десет минути од натпреварот ги одигравме фуриозно и брзо покажавме дека имаме сила да играме со високо темпо и кога е потребно да притиснеме плус. Во 49 минута домашните ракометари последен пат се доближија на „минус 2", 19-21, а потоа следуваше нашпата серија. Постигнавме 5 гола по ред и веќе „избегавме" на 19-26 во 55 минута. До крајот беше само рутина да се заврши натпреварот, а своите „пет минути" ги искористи и Јања Војводиќ. Тој ги постигна последните пет гола за Вардар и конечниот резултат, 22-30.

Натпреварот го почнавме со водство 5-3 што беше причина гостинскиот тренер уште во 10. минута бараше тајм аут. А ние си продолживме според договорот и потоа двапати имавме водство од „плус 4", за 5-9 и 6-10. А потоа следуваше мал пад во играта, неколку грешки и домашните ракометари израмнија на 12-12 и 13-13. И тоа беше сѐ од нивната закана и нашата слаба игра. Само уште еднаш Татран намали на „минус 1„ а потоа Вардар полека повторно си правеше разлика.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/02/2018 00:36