Само 22,5 отсто од Грците прифаќаат сложено име, а седум од 10, односно 71,5 отсто сакаат решение без терминот Македонија, покажува истражувањето на јавното мислење спроведено од солунскиот Универзитет Македонија и фондацијата за надворешна политика ЕЛИАМЕП, кое денеска го објавува грчкиот весник „Катимерини“. Во 2016, јавува дописникот на МИА од Атина, на истото прашање, во рамките на истото истражување, процентот на оние што не го прифаќаат терминот Македонија беше 57 отсто, а за сложено име беа 38 отсто од анкетираните.
– Во споредба со неодамнешното минато кога прашањето не беше дел од политичката агенда, забележуваме важно зголемување на „бескомпромисноста“. Се чини дека кога прашањето се појавува интензивно во јавниот дијалог, јавното мислење усвојува една повеќе нефлексибилна позиција, пишуваат професорот од универзитетот Никос Маранѕидис и директорот на одделот за истражувања Јоргос Сиакас во нивната анализа на резултатите во неделното издание на Катимерини.
Во однос на тоа во чија корист се обидите на НАТО, ЕУ, Германија, САД, Русија и ОН, одговорите на анкетираните се дека или се во корист и на двете земји, или во корист на Македонија.
– Процентот на оние што сметаат дека ЕУ, НАТО и основните партнери (САД и Германија) функционираат во корист на Грција е речиси занемарлив, од околу 5 отсто. Овој податок треба да загрижува, со оглед на тоа дека централен стратешки избор на грчката дипломатија е вршење притисок за решавање на спорот со ПЈРМ преку западните институции во кои учествува Грција, анализира за Катимерини, Јанис Армаколас од ЕЛИАМЕП и професорот од солунскиот Универзитет Македонија.
Поконкретно, на прашањето: „Лично вие сметате дека обидите на следните земји и организации, се во корист на Грција, ПЈРМ или и на двете“, анкетираните одговориле:
ЕУ: 38,5 отсто смета дека активностите на унијата се во корист на двете земји, 32 отсто во корист на Македонија, 5,5 отсто во корист на Грција, не знам/не одговарам 24 отсто.
САД: 38 отсто во корист на Македонија, 27 отсто во корист на двете земји, пет отсто во корист на Грција, не знам/не одговарам 30 отсто
Германија: 33,5 отсто во корист на Македонија, 24,5 отсто во корист на двете земји, 5,5 отсто во корист на Грција, не знам/не одговарам 36,5 отсто.
ОН: 37 отсто во корист на двете земји, 29 отсто во корист на Македонија, пет отсто во корист на Грција, не знам/не одговарам 29 отсто.
Русија: 21,5 отсто во корист на двете земји, 20,5 отсто во корист на Македонија, 18 отсто во корист на Грција, не знам/не одговарам 40 отсто.
НАТО: 32,5 отсто во корист на Македонија, 28,5 отсто во корист на двете земји, седум отсто во корист на Грција, не знам/не одговарам 32 отсто.
За 65 отсто од Грците, прашањето за името е важно, додека пак во однос на тоа кон која насока се движат активностите и позициите на политичарите во прашањето за името мнозинството анкетрирани и за Ципрас и за Мицотакис и за Коѕијас вели дека се во погрешна насока. Грчкиот премиер има за нијанса подобра слика од лидерот на опозицијата.
Поконкретно, според резултатите објавени денес во „Катимерини“, а кои ги пренесува МИА: -56 отсто од Грците сметаат дека активностите на грчкиот премиер Алексис Ципрас се движат во погрешна, а 26,5 отсто во правилна насока. За претседателот на опозициската Нова демократија, Кирјакос Мицотакис, 54 отсто од анкетираните рекле дека неговите ставови се во погрешна, 21,5 осто во правилна насока. За активностите на Министерот за надворешни работи на Грција, 47 отсто рекле дека се движат во погрешна, 26 отсто во правилна насока. За министерот за одбрана, Панос Каменос, 51 отсто од анкетираните рекле дека се неговите позиции се во погрешна, а 26,5 отсто во правилна насока (ист процент како и за Ципрас). Најголем процент во однос на тоа дали активностите се во позитивна насока, има грчкиот архиепископ Јеронимос – 34,5 отсто, а и најмал во однос дали се во погрешна насока 41 отсто.