На поетесата Гордана Стојаноска денеска во Охрид и беше врачена наградата „Григор Прличев“ за нејзината поема „Клучевите“, прогласена за најдобра на конкурсот што општина Охрид го распишува во чест на македонскиот книжевен великан и преродбеник Григор Прличев.
Лауреатката изрази огромно задоволство што ја добива наградата која го носи името на еден од гигантите на македонското творештво, што за неа како човек и автор претставува особена чест.
- Овој е можеби најубавиот момент во мојот живот. Мотивацијата да се напише поемата беше обид да се опише состојбата во која се наоѓа човекот во модерниот свет, постојано изложен на притисоци, бомбардиран со информации, најчесто кои говорат за несреќи. Всушност поемата се обидува да ги стави на вага сите универзални, врвни вредности како цврстата вера, безусловната љубов, храброста, љубопитноста да се открива, желбата да се оди напред...Тоа претставува трагање по одговор дека тие вредности се уште постојат, а оти човекот како суштество се уште е подготвен да се издигне над злото, рече Стојаноска.
На добитничката Стојаноска ова и е прва поема што е објавена. Таа покрај поезија пишува и проза. Има напишано и роман за кој рече дека се надева оти наскоро ќе биде објавен.
Наташа Аврамоска, претседател на Комисијата што ја доделува наградата, за наградената поема „Клуечевите“ рече дека зборува за внатрешната потрага на авторот по упориште или стојалиште од кое што е можно, не само да се сведочи и да се биде, туку и да се љуби светот.
- Во време што е доста профанизирано, со многу урнати вредности и без некоја цврста аксиолошка вредност по вертикала, не е лесно да се опејува некаква вредност. Темата е значи една внатрешна, духовна метаморфоза испеана на поткренат тон. Иако е доста херметична таа сепак успева да најде израз од којшто стиховите комуницираат повеќезначно со читателот и навистина е возбудлива творба, рече таа.
Во Охрид денеска и утре се одржува манифестацијата „Прличеви беседи“ со која оваа година се одбележува 125-годишнината од смртта на „Охридскиот Хомер“. Во рамки на предвидената културно-уметничка програма утре, на 6 февруари, на самиот ден на упокојувањето на Прличев ќе се одржи и традиционалната „Прличева визита“ во спомен-куќата на охридскиот преродбеник, во чии рамки ќе биде презентирана и книгата „Сага за Охрид“ на Валентина Нелоска.