Очекуваме од Скопје, конечно да излезе и јавно да каже која ќе биде придавката во сложеното име и да им го објасни тоа на граѓаните, вели Никос Коѕијас, министерот за надворешни работи на Грција, во интервју за Eуроњуз на грчки јазик. Тој тврди дека Атина веќе го подготвува теренот за Грците да го прифатат сложеното име и како што јавува дописникот на МИА од Атина, коментира дека од другата страна не постои иста таква подготовка.

- Грчката влада презеде одговорност да каже јавно дека сака промена на името и дека ова име ќе биде сложено за сите употреби со конкретна одредница и излеговме јавно и кажавме дека во ова име ќе биде вклучен и терминот „Македонија“. Ние си ја завршивме нашата работа. Уште чекаме од Скопје, конечно да излезе, јавно да каже во ова сложено име која ќе биде придавката пред именката и да го опишат тоа пред нивниот народ. Ние го подготвуваме јавното мислење и секако како што гледате тоа си има и потешкотии. Не гледам дека и другата страна прави иста подготовка и ова, денес додека го правиме ова интервју, ме загрижува, вели шефот на грчката дипломатија.

Во однос на одредницата и сложеното име, Коѕијас објаснува дека грчката влада ги преферира придавките што имаат „словенска нијанса во нивната фонетика“.

Во петокот вечерта Никос Коѕијас, како што објави МИА, имаше телефонски разговор со медијаторот Нимиц, во кој шефот на грчката дипломатија, му потенцирал на медијаторот дека „не е надлежен да говори за политиката на Атина“, а преговорите треба да се водат врз база на она што било договорено во Давос. Сега, во интервјуто за Eуроњуз, Коѕијас открива што се договориле Заев и Ципрас на нивната средба пред две седмици.

- Во Давос се договоривме една работа: дека ќе постои спогодба која по предлог на двајцата премиери ќе ја прави нашата страна, под моја одговорност. Се чини дека некои во Скопје, на пониска функција од премиерот, одново размислија и овие размислувања, господинот Нимиц сметаше дека се важни. И требаше да го потсетам дека она за што се согласија двајцата премиери важи за сите, објаснува шефот на грчката дипломатија и додава дека за тоа кој е ставот на Атина за прашањето со идентитетот, тоа ќе го соопштат самите во преговорите, а не медијаторот. На прашањето дали и за јазикот и националноста се преговара, шефот на грчката дипломатија, кусо одговара дека за с­ѐ се преговара.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/02/2018 12:11