Дваесет и тригодишниот Д.Р. од Прилеп вчера 20 минути се борел со водата во канал за наводнување за да го спаси својот 59-годишен колега Л.М. од Неготино, кој претходно при трасирање на гасовод, во атарот на селото Шивец, паднал во отворениот канал и почнал да се дави.

Настанот денеска за МИА го потврди портпаролот на СВР Велес, Верољуб Додевски.

Додевски појасни дека двете лица се вработени во градежното претпријатие „Гранит“ Скопје.

– Вршеле трасирање на гасоводот во атарот на селото Шивец, во близина на топилница „Фени индустри“, при што Л.М. паднал во водите на отворениот канал за наводнување и почнал да се дави. Во водите скокнал Д.Р. за да го спаси и по дваесетминутна борба со водата двајцата успеале да излезат од каналот, информираше Додевски.

Двајцата биле пренесени во Јавната здравствена установа Општа болница Кавадарци, каде Л.М. бил донесен во тешка општа состојба и по укажаната медицинска помош бил задржан на лекување, додека по извршениот лекарски преглед, Д.Р. бил пуштен на домашно лекување.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/02/2018 15:40