Најдоброто нешто што го направи Владата во македонската економија е што успеа да ја извади од „виртуелниот свет“, порача вечерва вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

- Граѓаните беа навикнати на телевизија цело време да гледаат дека се прават инвестиции, а претходната влада за седум години успеа да донесе 23 странски инвестиции за што се издвоија 225 милиони евра. Од нив една третина им беше доделена на компаниите, а другите беа искористени за реклами, пропаганда, роуд шоа и други непродуктивни трошоци и изградба на ТИРЗ кои се недоизградени. Ние за само два месеца по усвојувањето на Програмата за економски раст успеавме да потпишеме четири договори за нови инвестиции - рече Анѓушев во интервју за ТВ Канал 5.

Тој посочи дека е оптимист оти годинава економскиот раст ќе биде 3,2 отсто и додаде дека очекува да биде и повисок, бидејќи, како што кажа, има најави од многу домашни и странски компании дека сакаат да ги искористат поволностите што се нудат со Планот за економски раст, а најави и интензивирање на изградбата на железничкиот коридор осум и на автопатските делници.

- Јас немам политичка димензија во Владата и таму сум за да предлагам економски решенија кои ќе ја подобрат бизнис климата. Добро е што и премиерот доаѓа од бизнисот и многу лесно може со него да се разговара и да се соработува... Ќе треба време граѓаните да почуствуваат дали во Македонија се врати животот, но знам дека се врати слободата и демократијата, порача Анѓушев.

За него прашањето за името е и економско, бидејќи за подобра економија е потребно владеење на правото и стабилна држава, а тоа, како што кажа, се добива со евроатлантските интеграции кои се закочени токму поради проблемот со името. Прифатливо му е секое име што ќе биде достоинствено и нема да задира во идентитетот.

Задолжувањето со еврообврзницата од 500 милиони евра го оцени како заштеда од 100 милиони евра зашто, како што потенцира, е земена со каматна стапка од 2,75 и рок на отплата од седум години и со неа се вратени обврски со многу повисоки каматни стапки поради што годишно ќе има заштеди од повеќе од 10 милиони евра заради разликата во каматите.

Прашан дали планира да се кандидира за претседател на Република Македонија, Анѓушев рече дека никогаш не резмислувал и со никого не разговарал на таа тема.

- Во оваа Влада сум дојден за економија. За било која друга функција не би се нафатил - потенцира Анѓушев



Автор: Администратор
Објавено на: 08/02/2018 15:14