УНДП потпиша Меморандум за соработка со пет општини во Република Македонија за зајакнување на партнерството на општините и граѓанското општество
Денеска во просториите на УНДП Македонија беше потпишан Меморандум за разбирање со пет општини кои што ќе соработуваат во „Регионалната програма за локална демократија на Западен Балкан (ReLOaD). Меморандумот го потпишаа градоначалниците на општините Кавадарци, Струмица, Куманово, Ресен и Гостивар.
Ова претставува нова програма која за цел јакнење на партиципативните демократии и процеси за интеграција на земјите од Западен Балкан во Европската унија, преку јакнење на граѓанското општество за негово активно учество во процесот на донесување одлуки. Раководителот на Секторот за соработка на Делегација на Европската унија, Никола Бертолини им се заблагодари на присутните што денеска беа тука, бидејќи како што кажа ова е многу важен момент.
-Овој проблем произлезе од искуство што го имавме во Босна и Херцеговина. Откако ги добивме добрите резултати од програмата што беше таму, уште додека бев во Брисел одлучивме овие резултати, оваа програма да ја прошириме и во другите земји од Западен Балкан. Агендата за одржливост 2030 е всушност во сржта на оваа програма, бидејќи граѓаните треба да согледаат дека локалните власти и организациите што ги претставуваат, односно организациите на граѓанското општество се повеќе соработуваат взаемно, изјави Бертолини.
Бертолини напомена дека Европската унија во голема мерка ја поддржува оваа агенда, го поддржува демократскиот развој на локалните власти, но исто така преку своите финансиски средства ги поддржува и другите активности на властите.
-Многу е важно да се спомене дека секоја работа што се врши на локално ниво од луѓе што се предадени на работата, без разлика дали доаѓаат од локалните власти или од граѓанското општество е нешто на што мораме да се фокусираме. При изборот на општините што се тука, ние бевме сосем согласни во таа работа со УНДП, бидејќи ние сметаме дека вашите општини претставуваат нова надеж, нова визија во работата со граѓанското општество, со граѓаните. Кога веќе го започнуваме овој процес, сметаме дека ова се видот на општини кои што треба да претставуваат добар модел за идните општини, за овој вид на соработка, изјави Бертолини.
Тој кажа дека многу му е жал што бил толку зафатен околу организирањето на целата оваа активност, поради што немал време да ги посети овие општини, но порача да бидат сигурни дека во наредниот период ќе најде време да ги посети.
-УНДП се наш важен партнер, со кој соработуваме не само на овој проект, туку и на многу други активности, исто така и на национално ниво. Она што е важно, ги споделуваме истите идеи и заедно работиме на тоа на локалните власти да им се даде поголема моќ, поголеми овластувања, бидејќи ова е земја која традиционално секогаш била централизирана, општините имаат доста мали буџети. Се надеваме дека со нашата помош ќе овозможиме општините да работат подобро. Исто така со УНДП споделуваме исти принципи, во однос на човековите права, намалувањето на сиромаштијата која што се уште е присутна во земјата. Од тие причини сакам да се заблагодарам на одличната соработка со УНДП, бидејќи сметам дека ова е интересен брак кој што функционира, изјави Бертолини.
Постојниот претставник на УНДП во Македонија, Луиза Винтон му се заблагодари на Никола Бертолини и напомена дека секогаш е убава соработката со Европската унија. Таа се заблагодари и за присуството на нивните партнери, градоначалниците на Куманово, Гостивар, Ресен, Кавадарци и Струмица и трите општини кои се дел од регионот на Струмица, кои што се Ново Село, Босилово и Василево.
-Да продолжам од онаму каде што Никола застана, јас сосема се согласувам дека има целосно поклопување меѓу целите за одржлив развој на ОН и агендата 2030-та, како и целите на активностите за проширување. Целата оваа активност ја гледам во рамките на мотото кое што е во агендата за одржливи цели, а тоа е никој да не биде запоставен. Мислам дека со оваа активност овие цели ќе бидат симнати уште повеќе на локално ниво и на луѓето ќе им се даде поголема моќ да одлучуваат за работи кои нив им се важни на локално ниво, изјави Винтон.
Винтон кажа дека програмата се финансира од средства на Европската унија, како што кажа таа вкупниот износ кој е обезбеден за програмата е 845.000 евра, од тоа по 120.000 евра одат како грант за општините.
-УНДП ќе има блиска соработка со секој од петте партнери, петте општини при доделувањето на средства за целите на граѓанското општество, кои понатаму ќе се фокусираат на потребите на локалното население, во областа на животната средина, луѓето од општината кои навистина имаат потреба и сите други активности и потреби на локалното население. При изборот на општините, целта беше општините да го претставуваат изгледот на општеството во целата држава и мислам дека во тој аспект избравме соодветни општини, а во исто време секоја од нив да се залага за транспарентно доделување на средствата на организациите на граѓанското општество. Исто така да воспостават систем на јавни повици, каде што јасно ќе се дефинирани критериумите врз кои ќе се избираат граѓанските организации, изјави Винтон.
Таа изрази надеж дека и понатаму ќе се развие партнерството со општините, со кои веќе повеќе години соработуваат и со кои долго се познаваат.
-Како што Никола спомена ние се надеваме дека овие општини ќе развијат модел, кој што понатаму ќе може да се сподели со останатите општини во земјата. Една од првите одлуки за кои се договоривме, беше тоа дека состаноците на одборот на кој ќе се разгледува функционирањето на програмата ќе се одржуваат во секоја од општините и на тој начин Никола ќе добие можност да ги посети сите општини кои што е дел од програмата, изјави Винтон.
Таа изрази надеж дека успешно ќе соработуваат во зајакнувањето на граѓанското општество и развивањето на активности кои ќе им помогнат на ранливите групи во сите овие општини.
Градоначалниците истакнаа дека се многу задоволни за соработката со УНДП. Градоналачникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев истакна дека претставува огромна чест и задоволство што за прв пат во општината ќе има еден проект за граѓанските сектори, кој ќе биде од отворен и транспарантен карактер, како што кажа тој.
-Општина Кавадарци заедно со службите кои што ги имаме како општина и граѓанските сектори, како невладини сектори ќе учествуваат заедно во воспоставување на критериумите за извор на невладините сектори и нивното финансирање. Сите пари ќе бидат транспарентно наменети во интерес на граѓанските сектори и невладините организации. Тоа значи дека нивниот удел во општеството и залагањето за граѓанскиот сектор ќе биде на поголемо ниво и многу сигурно во наредните две години сите невладини организации во Општина Кавадарци, вклучувајќи на општината како носител на проектот заедно со УНДП ќе имаат сигурно финансирање за нивните проекти, изјави Јанчев.
Тој напомена дека досега невладините органзизации во Кавадарци имале проблеми бидејќи немале средства за реализирање на своите програми. Јанчев кажа и дека со сегашната соработка со УНДП тие ќе имаат двегодишен буџет за реализација на проектите.
Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски од негово и од име на граѓаните на Куманово се заблагодари на УНДП, за овој како што кажа прекрасен проект. Димитриевски се заблагодари и на донаторите од ЕУ, кои што обезбедиле средства да се имплементира овој проект.
-Голема чест е за нас да бидеме на оваа маса заедно со моите колеги, од останатите општини кои што сме избрани по избор на УНДП. Претпоставувам ова е комплимент за нас дека постигнавме едно високо ниво во делот на соработката со невладиниот сектор во државата. Ако зборуваме за средства, средствата кои што се добиваат се секогаш доволни и благодарни сме за истите. Но мора да напоменам дека локалната самоуправа како што кажа и претставникот ЕУ, е во една невидена стагнација од аспект на децентрализација на власта. Верувам дека новата Влада со новите политики ќе се заложи дополнително, во духот на децентрализација на власта во Република Македонија, изјави Димитриевски.
Како градочалник на најголемат општина во Македонија, Димитриевски кажа дека овие средства ги доживува како директен финансиски бенефит на општината, да се подобри нивото на одлучување на невладиниот сектор на ниво на локална самоуправа.
-Од аспект на подготовка на самиот невладин сектор, соработката со општинската администрација, институциите на локално ниво и до сите можни нивоа, за да го придвижиме невладиниот сектор да иницира поголем и поголем број на проекти, изјави Димитриевски.
Градоначалникот на Куманово напомена дека има големи број на позитивни примери во нивната општина каде што невладиниот сектор дава несебичен и голем допринос во развојот на општенството.
Градоначалникот на Општина Ресен, Живко Гошаревски изрази благодарност до претставничката од УНДП, Луиза Винтон и до Никола Бертолини. Тој напомена дека овој Меморандум за нив претставува една голема одговорност.
-Суштината на потпишувањето на овој Меморандум, како крајна цел има подобрување на квалитетот на живот на секој граѓанин поединечно во нашата општина. Тоа ќе го постигнеме преку партнерство на општинската администрација и граѓанските здруженија, во кои активно ќе бидат вклучени и самите граѓани. Преку искажување на приоритите кои што се за решавање граѓаните директно ќе имаат увид во носењето на програми кои ќе бидат вметнати во буџетот, изјави Гошаревски.
Гошаревски најави и транспарентност во носењето на овие програми.
Градоначалникот на Општина Гостивар, Арбен Таравари искажа благодарност во име на граѓаните на општината што и тие биле избрани да бидат дел од овој проект.
-Пред околу еден месец ги викнав во Гостивар сите невладини организации и беа скоро 30, побарав од нив и тие да бидат дел од водење на локални политики, да учествуваат активно во донесувањето на одредени одлуки во Општина Гостивар. Еве добра шанса за некои од нив кои што ќе ги исполнат критериумите за заедно општината и плодовите кои што пристигнуваат од ЕУ и тие да бидат дел од правењето политики во нашата општина и во останатите избрани општини, изјави Таравари.
Градоначалникот на Општина Струмица упати благодарност што биле дел од оваа програма и напомена дека општината редовно била дел од ваквите програми.
-Ние имаме позитивни пракси во тој правец, во Струмица одамна се практикуваат контакти со граѓаните околу креирањето на буџетот, тоа го направивме и оваа година, изјави Јаневски.
Тој напомена дека во креирањето на буџетот во Струмица од поодамна се практикува начинот на Граѓански форуми и преку нив граѓаните директно го прават буџетот на општината.
-Општина Струмица има долга традиција на негување на односите на општинската администрација со граѓанскиот сектор, со невладините организации, со здруженијата. Имаме секогаш добра соработка, тоа е нивна или наша опсервација, на што сме исто посебно горди, изјави Јаневски.
Јаневски кажа дека овој проект со задоволство го прифаќаат и очекуваат дека овие процеси ќе ги развијат на еден поканализиран, поубав, поправичен начин ќе им помогнат да ја усовршат оваа соработка, која како што истакна дека во Струмица е веќе една добра практика.
Целитенаовојпроектсе:
-Јакнење на партнерствата меѓу општините и граѓанското општество во Западен Балкан преку работење со општинските власти, со цел финансирање на граѓанските организации во согласност со локалните приоритети.
-Помагање на општините да усвојат пристап за финансирање на граѓанските организации кој ќе биде транспарентен, развојно ориентиран и заснован на проекти и ќе биде во согласност со потребите на граѓаните.
-Креирање на платформа за вмрежување , која ќе им дозволи на општините и граѓанските организации во Западен Балкан да споделуваат искуства и научени лекции.
Очекувани резултати од овој проект се:
-Финансирање и спроведување на 200 проекти од јавен интерес во Западен Балкнан.
-Подобрени услуги и квалитет на живеење за повеќе од 38.000 граѓани.
-Зајакнати капацитети на 50 општини во регионот за управување со грантовите, како и на граѓанските организации за спроведување на висококвалитетни проекти.
-Промовирање и подобрување на дијалогот и соработката меѓу граѓанските организации и општините во Западен Балкан преку регионални настани и директна размена на искутва.