Главниот одбор на баварската Христијанско социјална унија (ЦСУ) денеска едногласно го одобри постигнатиот договор за формирање нова германска коалициска влада меѓу конзервативниот блок и социјалдемократите.

ЦСУ е сестринска партија на Христијанско демократската унија (ЦДУ) на германската канцеларка Ангела Меркел.

Согласно договорот, постигнат вчера. лидерот на ЦСУ, Хорст Зехофер ќе биде нов германски министер за внатрешни работи.

ЦСУ е прва од трите партии во владината колаиција што го одобри договорот. ЦДУ се очекува да го стори тоа на партискиот конгрес закажан за 26 февруари. Иако дел од членовите на ЦДУ изразија незадоволство од одлуката министерствата за надворешни работи и за финансии да и се препуштат на Социјалдемократската партија на Германија (СПД), сепак се предвидува дека договорот ќе биде усвоен без потешкотии.

СПД треба да го одобри договорот преку внатрепартиски референдум, што ќе се одржи од 20 февруари, до 2 март. Резултатите од изјаснувањето се очекуваат на 4 март.

Доколку договорот го одобрат сите три партии, ќе биде отворен патот за формирање на третата последователна влада на „големата коалиција“ меѓу блокот на ЦДУ/ЦСУ и СПД.

Ако договорот не биде одобрен, тогаш Гермнаија најверојатно ќе се соочи со предвремени избори.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/02/2018 01:02