Балканското ракометно дерби во женска конкуренција во лигата на шампионите се игра викендов во Скопје, а ни гостува тимот на Будуќност, поранешен двократен европски првак. Средбата се игра во сабота во 15 часот во СЦ „Јане Сандански".
Нашиот тим сезонава трипати играше со Будуќност но во регионалната ВРХЛ лига, и на сите три натпревари победивме. Он нашиот табор најавуваат дека на домашен терен ќе продолжи нашата доминација и во лигата на шампионите.
„Будуќност сезонава нема победа на гостински терен. Салата во „Јане Сандански" ќе остане неосвоива тврдина за сите. Сакам да ја задржиме добрата атмосфера. Очекувам да одиграат грубо и агресивно на денешниот дуел. Сепак, се навикнавме на таква игра од Будуќност. Игравме против овој тим во Регионалната лига, но последниот меч не е мерило за квалитетот. На тој дуел ниту ние ниту Будуќност не беше комплетен, па затоа ова ќе биде сосема поинаков дуел. Воедно би сакала да одиграме натпревар пред полни трибини и да се чувствуваме исто како што беше случај во Германија против Битигхајм каде имавме огромна поддршка и каде се чувствувавме како дома, вели Јованка Радичевиќ.
Вардарки имаат серија од осум натпревари без пораз во ЛШ сезонава, и веќе обезбедија пласман во четврт-финалето иако има да се одиграат уште четири натпревари од главната фаза.
„Ни претстои дуел против познат ривал. Будуќност е екипа која што е далеку помлада од претходните години. Сигурно нема да биде лесно. Се работи за тим во кој настапуваат ракометарки кои имаат одлични бекови со шут од далечина. Покрај тоа ова е тим во кој има и одлични голмани. Будуќност секогаш игра агресивна одбрана, но ние сме подготвени на сето ова. Едноставно мораме во текот на сите 60 минути да одиграме концентрирано и да бидеме на нивото од претходните дуели за да стигнеме до нови бодови, вели Ирина Дибирова, тренерот на Вардар.
Билетите за натпреварот со Будуќност се веќе во продажба, на билетарницата на СЦ „Јане Сандански" и преку мрежата на тикетплус.
Истовремено трае и акцијата со која за секоја сметка направена во фан шопот на Вардар во склоп на салата можете да добиете и гратис две влезници. Акцијата трае до сабота.