Извршната директорка на ЖРК Вардар Гордана Нацева, денеска на прес-конференцијата пред дуелот со Будуќност во ЛШ потврди дека клубот на крајот на сезоната го распушта досегашниот состав.

Нацева нагласи дека и покрај сите промени, иднината на ЖРК Вардар не е доведена во прашање. Но, и дека остануваат максимално фокусирани на главната цел – освојување на трофејот во Лигата на шампионите.

– Од септември клубот ќе настапува со играчи од сопствениот погон, млади ракометарки од школите на Вардар. Планираме со нив да се работи на подолг рок, да им се наметне амбиција и во иднина тие да станат дел од македонската репрезентација за ЕП во 2022 година. Тоа е мотив и предизвик за нас, изјави Нацева.

Извршната директорка на клубот потенцираше дека при одлуката се воделе според професионалните кодекси и на ракометарките на време им соопштиле да си бараат нови клубови.

Вардарки сезонава се единствената непоразена екипа во досегашниот тек од ЛШ. Четири сезони по ред настапуваа на Ф4 турнирот, при што три пати беа трети, а лани ја освоија вицешампионската титула.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/02/2018 01:53