Директорот на Македонската филхармонија, Виктор Илиески го најави концертот за 14. февруари-Денот на вљубените на кој Македонската филхармонија ќе понуди вино и музика.
„Овој пат, традиционалниот концерт за Денот на вљубените ќе се одржи на вистинскиот датум, на 14 февруари во среда. Билетите се веќе распродадени и тоа зборува за големиот интерес од страна на публиката за настаните што ги организира оваа институција, истакна Илиевски.
Најавија еден навистина уникатен, несекојдневен концерт.
„Под диригентство на Џијан Емин, и во негови аранжмани, ќе бидат изведени теми од култните и влијателните уметници и групи како Леонард Коен, Ник Кејв, Том Веитс, Џони Кеш, ‘Портисхед’, ‘Масив Атак’, Ненси Синатра.. Како солисти ќе настапат пејачите Бранислав Николов, познат како вокалист на групата „Фолтин“ и Тања Царовска, која кариерата ја гради и надвор од земјава. Ќе учествува и актерот од Прилепскиот театар, Димитар Ѓорѓиевски. Особено го истакнувам овој настан, затоа што правиме нешто поинакво од она што се пласира не само на подиумот на Македонската филхармонија, туку воопшто на музичката сцена кај нас, па и во светот. Голем дел од композициите коишто ќе бидат изведени таа вечер, првпат добиваат оркестарски аранжмани, рече Илиески.