Лидерот на Социјалдемократската партија на Германија (СПД), Мартин Шул денеска соопшти дека се откажува од функцијата германски министер за надворешни работи, која му беше доделена со договорот за формирање нова владина коалиција меѓу неговите социјалдемократи и конзервативниот блок на канцеларката Ангела Меркел.

Одлуката на Шулц уследи откако беше изложен на критики од истакната членови на СПД, поради договорот со блокот на Меркел.

- Се откажувам од учество во Федералната влада и во исто време молам со ова да се стави крај на дебатите за персоналните решенија во рамките на СПД, наведе Шулц во писменото соопштение во кое ја образложи својата одлука, додавајќи дека решил интересите на партијата да ги стави пред неговите лични амбиции.

Со договорт за формирање владина коалиција меѓу СПД и блокот на Христијанско демкоратската унија (ЦДУ) и на Христијанско социјалната унија (ЦСУ) на Меркел, постигнат во вторникот, социјалдемократите ги добија важните ресори за надворешни работи, за финансии и за труд и социјална политика.

При тоа беше договорено Шулц, кој е поранешен претседател на Европскиот парламент, да го преземе раководењето со германската дипломатија.

Договорот и кадровските решенија наидо на критики од страна на некои истакнати членови на социјалдемократите, вклучително и од актуелниот германски министер за надворешни работи и поранешен партиски лидер Зигмар Габриел, кој во едно итервју изјави дека е разорачан од тоа „колку малку во СПД се почитуваат нечии одлуки и колку малку тежи нечиј даден збор“.

По изборите во септември, на кои СПД постигна најслаб изборен резултат по Втората светска војна, Шулц најави дека партијата се повлекува од дотогашната владина коалиција со конзервативците и дека ќе премине во опозиција. Но, по неуспехот на Меркел да обезбеди ново парламентарно мнозинство, Шулц го промени ставот и реши да почне преговори со конзервативците за формирање нова владина коалиција.

Одлуката на Шулц за повлекување од министерската функција се оценува како неков обид за надминување на партиските поделби во пресрет на внатрепартиксиот референмдум, на кој околу 460.000 членови на СПД треба да се изјаснат дали го прифаќаат коалицискиот договор со конзервативците на Меркел.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/02/2018 15:21