Масовен протест за зачувување на Уставното име на државата, слобода на патриотите за настаните во Собранието на 27 април минатата година и спречување на Законот за двојазичност на целата територија на Република Македонија, побараа денеска стотици прилепчани од центарот на градот.

Патриотското јадро одново започнува да се формира од Прилеп, како најава за големиот отпор на Македонците за активните преговори за името на државата и за можното преименување и губење на идентитетот.

Прилеп од секогаш важел за град на патриотите, град на непокорот, град од каде секогаш започнувал отпорот за одбрана на државата и државните интереси.

Моќни пораки вечерва пред прилепчани упатија Претседателот на Светскиот Македонски Конгрес Тодор Петров, професорката по историја Виолета Ачкоска и аналитичарот Сотир Костов.

Нивните говори беа проследени со силни емоции и аплаузи од насобраните граѓани.

Од камената бина на плоштадот “Александрија” беше најавен и голем македонски протест на 27 февруари во главниот град, каде се очекува да пристигнат илјадници револтирани Македонци од сите краишта на државата.

Говорниците и претставникот од Македонското патриотско здружение “Пере Тошев”, чиј претседател Јане Ченто е еден од притворените во затворот во Шутка, упатија силен револт за држењето во затвор на правнукот на Методија Андонов – Ченто.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/02/2018 19:54