Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун го покани јужнокорејскиот претседател Мун Џае-ин во посета на Пјонгјанг, се наведува во писмото испратено од Ким, кое членови на делегацијата на Северна Кореја му го предале на шефот на јужнокорејската држава.
Според јужнокорејската новинска агенција Јонхап, Ким Џонг-ун бара што е можно побрзо да оствари средба со Мун Џае-ин.
Претседателот на Јужна Кореја вети дека ќе ја посети Северна Кореја по неопходните подготовки, одговарајќи на поканата за средба од страна на Ким Џонг-ун.
Портпарол на администрацијата на Мун Џае-ин истакна дека поканата била усно соопштена од сестрата на севернокорејскиот лидер, Ким Јо-џонг, на средбата во Синиот дом, а таа потоа му предала и писмо од нејзиниот брат, во кое Ким Џонг-ун изразува подготвеност да се состане колку е можно побрзо со претседателот на Јужна Кореја. Ким Јо-џонг е дел од севернокорејската делегација која присуствува на Зимските олимписки игри, кои се одржуваат во Пјонгчанг, во Јужна Кореја.
Мун одговорил дека Северна и Јужна Кореја треба да продолжат да работат на создавање услови за остварување на таква средба. Претседателот на Јужна Кореја го повика Пјонгјанг да започне дијалог со САД.
Евентуална посета на Мун на Северна Кореја ќе претставува прва средба меѓу лидерите на двете Кореи од 2007 година.