Српскиот претседател Александар Вучиќ утре ја почнува дводневната официјална посета на Загреб, на покана на хрватската претседателка Колинда Грабар Китаровиќ.

По повеќегодишни одлагања, влошени меѓусебни односи со безбројни протестни ноти меѓу Белград и Загреб ден пред посетата во Белград создадена е тензична атмосфера.

Нејасна е и агендата на посетата и темите за кои српскиот претседател ќе разговара со неговите домаќини во Загреб.

Според српските и хрватските медиуми, двајцата претседатели ќе разговараат за судбината на 1900 исчезнати лица, враќањето на културното богатство исчезнато од воениот конфликт во 90-тите, соработката при апсење осомничените воени злосторници, положбата на малцинствата и за нерешеното прашање околу границата.

Според кабинетот на хрватската претседателка Колинда Грабар Китровиќ на дневен ред нема да биде поставено прашањето за „извинувањето на агресијата над Хрватска, ниту пак барањето за воена отштета од Србија“- теми кои беа најавени од страна на Владата на Хрватска.

Претседателот Вучиќ изјави дека „е изненаден и вчудоневиден“ од изјавата на хрватскиот премиер Пленковиќ дека треба да се разговара и за воената отштета. Тој воедно најави дека ќе предложи воведување „мораториум од шест месеци на теми од минатото меѓу двете земји.“

Што и да бидат темите, српскиот министер за одбрана Александар Вулин и денеска повтори дека Вучиќ не треба да оди во Загреб.

- Линчот и хајката што се води кон Александар Вучиќ е навистина невидена. Да го поканите претседателот во државна посета, а потоа да му организирате протести и да го дочекате со навреди и невоможни барања, е незабележано досега. Ако некој мисли дека јас згрешив за еден збор (усташи) што го кажав пред неколку дена, сега се гледа дека сум бил во право, протестите се подготвуваат - рече Вулин.

Српскиот министер на полицијата Небојша Стефановиќ денес изјави дека „Вучиќ заради една изјава во Хрватска го прогласуваат за четник и злосторник“ и оцени дека неговата посета на Загреб е ризична и поради тоа што е објавена трасата на движење на српскиот претседател во Загреб.

Загреб е на нозе-пишува „Јутарњи лист". Поради најавените утрешни демонстрации на плоштадот во Загреб, „во обезбедувањето на српскиот претседател Александар Вучиќ за време на неговата посета ќе бидат вклучени неколку стотици луѓе од сите единици на безбедносниот систем на Хрватска, од униформирана и цивилна полиција, специјални безбедносни агенции до разузнавачките агенции“- пишува Јутарњи лист". Обезбеден е и специјални тим на Брза помош со доволна количина крв од крвната група на Александар Вучиќ.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/02/2018 16:00