Лидерот на партијата Сојуз на централисти, Василис Левандис, смета дека Грција го има загубено спорот со името, со самото тоа што разговара за сложено име со вклучен терминот Македонија.

Левендис, кој е против името Македонија, вчера се сретна со американскиот амбасадор во Атина, Џефри Пајат, а денес, во интервју за радиото Реал фм, ја коментираше средбата.

– Имав средба со американскиот амбасадор, сметам дека е загубено прашање. Американците се категорични дека е завршено. Многу се разочарав од мојата вчерашна средба со господинот Пајат, затоа што инсистираше на тоа дека имаме прифатено од 2008 (сложено име со терминот Македонија). Ме праша зошто тогаш не реагираше народот. Му реков дека тогаш грчкиот народ немаше чувство дека одиме на договор, вели Левендис во интервјуто за радиото Реал фм.

На вчерашната средба, според партиското соопштение, Левендис и Пајат разговарале за случајот Новартис и прашањето за името, јавува дописникот на МИА од Атина

Лидерот на Сојуз на централисти, на американскиот амбасадор му го повторил неговиот предлог, Грција од своја страна да и даде на Македонија интеграцијата во НАТО и ЕУ, грчки инвестиции и олеснувања за солунското пристаниште, а во замена „Скопје, во знак на добра волја да прифати име без зборот Македонија“.

-На господинот амбасадор, му потенциравме дека ако владата даде решение со терминот Македонија, ова решение ќе биде спротивно на волјата на грчкиот народ. На крајот, ќе им наштети и на самите Соединети американски држави, соопштуваат од партијата, пренесува МИА.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/02/2018 17:43