Министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева е задоволна од напредокот во преговорите меѓу Македонија и Грција за решавање на спорот за името.
„Се радувам што има напредок во преговорите меѓу Атина и Скопје. Тоа е билатерално прашање и да оставиме преговорите да се водат меѓу Атина и Скопје со посредство на Обединетите nации“, изјави Захариева, одговарајќи на новинарско прашање и посака успех во преговорите, пренесува БТА.
Во врска со претстојниот состанок на министрите за надворешни работи на Еропската унија и земјите кандидати за членство што ќе се одржи во Софија, таа рече дека поканите за учество на кандидатките за членство во повеќе совети и експертски групи се знак дека уште во претпристапниот процес тие треба да бидат активни учесници во идната политика на ЕУ. Според Захариева, тоа е многу добра пракса и ќе биде добра можност за размена на мислења меѓу земјите членки и земјите кандидати за членство.