Вардар се наоѓа на една победа до заверка н апрвото место по регуларниот дел од сезоната во СЕХА Газпром лигата по триумфот на домашен терен над Целје од 35-27 (20-10) во рамките од 14. коло на регионалното ракометно натпреварување. Требаше да биде дерби на колото, но Вардар уште во првото полувреме ги реши дилемите околу победникот и го испрати словенечкиот тим дома без бодови.
На прес-конференцијата по натпреварот тренерот Раул Гонзалес потенцираше дека тимот имал добар голман, и дека е задоволен како неговиот тим го одиграл натпреварот.
Ова беше последна проверка пред натпреварот од лигата на шампионите во недела кога гостува ПИК Сегед.
Раул Гонзалес - тренер на Вардар
"Честитки за тренерот на Целје и нивните играчи, бидејќи во текот на целата сезона тие играат добар ракомет, тие играат многу брзо и секогаш имаме многу проблеми кога играме против нив. Мислам дека беа уморни бидејќи играа во Париз со ПСЖ пред два дена. Имавме и добар голман во Страхиња Милиќ кој во првото полувреме имаше 12 одбрани и ја направи голема разликата. Во второто полувреме, Целје одигра подобро од нас, но сакам да истакнам дека сум задоволен од победата. Треба да работиме напорно и да се подготвиме за Ф4 во СЕХА лигата и, се разбира, во Лигата на шампионите"
Страхиња Милиќ - голман на Вардар
"Очигледно се подготвувавме подобро за овој натпревар, а Целје не играше онака како што знае и може.
Бранко Тамше - тренер на Целје
"Честитки до Вардар за заслужената победа, денес игравме ужасно, немам други зборови како објаснување, загубивме 20 топки во игра што е три пати повеќе од вообичаеното. Имаме тежок период по интензивна игра против ПСЖ, денес игравме со Вардар и за неколку дена мораме да патуваме во Полска против Кјелце. Вардар знаеше како да го искористи тоа, тие се европски шампиони и се знае дека имаат брз проток на топка, одличен контранапад и врвни голмани, кои тоа го покажаа денес. Имаме повредени играчи, а некои не се во форма, но тоа не е алиби за нас. Сакам да им се извинам на ракометните навивачи кои го почитуваат Целје, поради нашите лоши перформанси и се надевам дека наскоро ќе почнеме да играме подобро"
Урбан Лесјак - голман на Целје
"Честитки до Вардар за победата и им посакувам среќа на крајот на сезоната, денес ние игравме далеку под нашите вистински можности, кои нашиот тим може да ги игра. Прво мораме да преспиеме и да се обидеме да излеземе од оваа ситуација и да ја играме нашата брза игра повторно и да почнуваме да постигнуваме подобри резултати