Група од околу 70 лица, според солунските медиуми, се собра денеска пред зградата на општина Солун и побара оставка од солунскиот градоначалник, Јанис Бутарис, по неговите вчерашни изјави за евентуални преименувања на аеродромот и автобуската станица во Солун.

Насобраните граѓани, со грчки знамиња во рацете, извикуваа: „Дај си оставка“; „Да одиш во Скопје да бидеш градоначалник“; „Предавник“, а во потпишана резолуција што беше доставена до заменикот градоначалник на Солун, бараат од Бутарис, јавно да се извини и да си даде оставка, бидејќи неговите изјави „ги навредиле Солунчани“.

– Градоначалнику, со изјавите што ги давате во последно време, сметаме дека ја минавте секоја граница. Додека проблемите на градот го прават сѐ потешко секојдневието на граѓаните, вие водите надворешна политика, провоцирајќи со несоодветни изјави и со вашето однесување. Вашите изјави постојано ги навредуваат граѓаните на Солун и сите грчки граѓани, бидејќи се екстремно антигрчки – пишува во резолуцијата, според грчките медиуми.

Граѓаните за 26 февруари закажаа нов протест.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/02/2018 23:25