Како што пренесуваат албанските медиуми, Дисциплинската комисија на УЕФА предложила казна од еден милион евра и суспензија од десет години од европските натпреварувања за фудбалскиот клуб Скендербег од Корча поради местење натпревари во домашниот шампионат.

Иако сè уште ништо не е официјално, албанските медиуми дошле до документот во којшто е наведено дека Скендербег нема да ја избегне огромната казна.

Дисциплинската комисија на УЕФА ја предложила таа казна бидејќи Скендербег веќе имал сличен прекршок. Албанскиот клуб во 2015 година стана прв тим од оваа земја кој се квалификуваше за групната фаза на Лигата на Европа, но поради местење натпревари, следната година веќе му беше забрането да се натпреварува во Европа.

Конечен збор за казната на Скендербег ќе има Комисијата за жалби на УЕФА, но засега не се знае кога тоа тело ќе ја донесе одлуката.

Скендербег оваа година играше во групната фаза на Лигата на Европа, каде што во друштво со Партизан, Јанг бојс и Динамо од Киев заврши на последното место со пет бода.

Тимот од Корча е основан во 1925 година, шест пати беше шампион на Албанија, а два пати дојде до трофејот во Суперкупот.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/02/2018 21:16