Грчката министерка за административна реконструкција смета дека преговорите меѓу Македонија и Грција се наоѓаат во идеален моментум, наспроти тврдењата на лидерот на опозициската Нова демократија дека во овој момент нема околности за решение.

Олга Геровасили, во интервју за грчката новинска агенција АПЕ-МПЕ, вели дека грчката влада ги користи создадените услови, јавува дописникот на МИА од Атина.

– Во овој момент, преговорите се во тек под покровителство на Обединетите нации. Се прават значителни напори и од двете страни. И покрај она што го кажува Мицотакис, моментумот е идеален. И ја користиме оваа ситуација, како што би направила секоја одговорна влада, покажувајќи разумност, преговарачки способност, а имајќи ја како единствен водечки критериум, одбраната на нашите национални интереси, вели Геровасили.

Таа ги повтори грчките позиции за сложено име, ерга омнес и објасни дека ако не се постигне конечно решение, тогаш ќе се случи она што ги плашело оние кои излегле на протестите во Грција.

– Денес над 100 земји, ПЈРМ ја имаат признаено како „Македонија“. Сакаме ова да остане вака? Нѐ интересира да се реши името, што е катализатор за целосна нормализација на билатералните односи? Или сакаме прашањето да се влече уште 20 години, како што предложи господинот Мицотакис?, прашува грчката министерка во интервјуто, упатувајќи критики до опозициската Нова демократија.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/02/2018 01:00