Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ денеска ја осуди изјавата на албанскиот премиер Еди Рама и оцени дека ЕУ и западните земји ја „ставаат главата во песок“ пред, како што рече, големоалбанската политика.
Изјавата на Рама за заеднички претседател на Албанија и на Косово за Дачиќ е „вџашувачка“ и констатираше дека и овојпат „големоалбанските изјави“ минуваат без какви и да се или млаки осуди од страна на ЕУ и западните земји.
– Рама буквално рече дека Албанија и Косово се една држава со еден претседател, заедничка надворешна и безбедносна политика. И никој не го критикува, истакна Дачиќ.
Тој праша што би се случило доколку Белград рече дека Србија и Република Српска би требало да имаат ист претседател и заедничка надворешна политика.
Но сепак, реакција дојде и од Брисел, од каде изјавата ја оценија како несоодветна.
Портпаролката на Европската комисија Кетрин Реј истакна дека изјавите што може да се толкуваат како политичко мешање во соседните земји не помогаат во градењето на добрососедски односи.
– ЕУ очекува изградбата на конструктивни и кооперативни односи низ целиот регион да продолжи. ЕУ у натаму да ги поддржува принципите на помирување и соработка во овој регион, изјави Реј.
Во меѓувреме, српскиот министер без ресор Ненад Поповиќ ја осуди изјавата на Рама за еден претседател на Албанија и на Косово и побара албанскиот премиер да биде прогласен за персона нон грата во Србија.
– Изјавата на Рама ја покажа вистинската цел за отцепувањето на Косово од Србија – да се прекоројат границите во регионот во корист на Албанците и да придизвикаат нови конфликти на Балканот, истакна Поповиќ.
Рама на вчерашната свечената седница на косовскиот Парламент по повод 10-годишнината од независноста на Косово изјави дека заеднички претседател на Албанија и на Косово ќе биде најдобар пример за единство на двете земји и оти тоа би можело да се реализира по десет години.
– Косово и Албанија ќе имаат една надворешна политика, а не само амбасади. И дипломатското претставување ќе биде исто, па зошто не еден претседател – симбол на нацоналното единство и една национална безбедносна политика. Тоа би можело да се случи за десетина години, а дека сега е само сон, изјави Рама.
Таквата идеја денеска ја поддржа и албанскиот престолонаследник, принцот Лека. Тој на социјалните мрежи објави дека „единството меѓу Албанија и Косово, за кое се заложи албанскиот премиер Еди Рама, може да се постигне само со кралската круна“ односно со враќање на монархијата.
– Националното обединување било, е и ќе биде сон и заложба на кралското семејство од генерација до генерација, дури и кога никој друг не се осмелуваше да го артикулира тоа! Тоа се остварува со кралската круна во двете држави како симбол на ова единство. Ова би била логиката на вистинска стабилност, традиција и вистински просперитет, како што укажуваат успешните примери во најразвиените западни земји, напиша принцот Лека.