Тимот на Леброн Џејмс го совлада тимот на Стефан Кари со 148:145 во првото издание на новата ера на олстар-натпреварот на НБА-лигата.
Екипата на Џејмс направи пресврт по заостанувањето од 13 поени во последните седум минути, и тоа со помош на одбраната, нешто што никогаш не е видено на олстар-натпреварите.
Јунак на натпреварот беше токму Џејмс, кому му недостасуваа две асистенции за трипл-дабл, но во самата завршница изедначи со тројка на 144:144, а потоа положи на додавањето на Кајри Ирвинг за 146:145.
Потоа Џејмс Харден не погоди за три поени, а на 11 секунди пред крајот, точка на победата на тимот на Џејмс стави Расел Вестбрук, по додавањето на Леброн.
Гледачите во „Стејплс центарот“ во Лос Анџелес уште од почетокот на натпреварот можеа да уживаат во натпреварувањето во погодувања, но и во дефанзивните дуели на играчите на двата тима, па така, Вестбрук го спречи погодокот на Јанис Адетокумбо, додека Рас „го залепи“ Џоел Ембид.
Одличен тандем во одбраната беа Кајри Ирвинг и Пол Џорџ, коишто неколкупати им ја украдоа топката на противниците, а посебно се истакнаа на крајот на првото полувреме, кога се фатија во замката на Џејмс Харден.
„Сакавме да ја промениме приказната за олстар, која стана шега. Сакавме да покажеме вистинска кошарка“, изјави Кевин Дурант.
Џејмс натпреварот го заврши со 29 поени (12/27 од игра), десет скока и осум асистенции, а го следеа Кевин Дурант со 19, Пол Џорџ со 16, Андре Драмонд со 14, Кајри Ирвинг со 13 (9ас, 7кс), Ентони Дејвис со 12, како и Кемб Вокер и Расел Вестбрук (8ск, 8ас) со по 11 поени.
Најефикасни во тимот на Кари беа: Демар Дерозен и Демијен Лилард со по 21 поен, Џоел Ембид со 19 поени и осум скока, Карл-Ентони Таунс со дабл-дабл за 17 поени и десет скокови, Јанис Адетокумбо со 16, Клеј Томпсон со 15, а Џејмс Харден имаше осум асистенции и седум фатени топки.
Кари натпреварот го заврши со 11 поени (3/13 за три), шест скока и пет асистенции.