Хокејарската репрезентација на Русија во четврт-финалето на Зимските олимписки игри во Пјонгчанг го победи тимот на Норвешка со 6-1, па се пласира во полуфиналето, каде што нареден ривал ќе ѝ биде Чешка.
Апсолутна доминација на мразот покажаа хокејарите на тимот под името Олимписки спортисти од Русија (ОАР), коишто поради познатата казна се принудени во Пјонгчанг да се натпреваруваат под неутрално знаме.
Рускиот тим првата третина ја доби со 3-0, откако стрелци беа Михаил Григоренко, Никита Гусев во ситуација на пауер плеј и Вјачеслав Војнов, додека во осмата минута од втората третина единствениот гол на натпреварот за Норвешка го постигна Александер Бонсаксен.
До крајот на натпреварот, повторно се прашуваа само хокејарите на Русија, коишто одличното издание го потврдија со уште три гола. Прво прецизен беше Сергеј Калиљин, потоа Никита Нестеров, и двајцата кога ОАР имаа играч повеќе, додека конечниот резултат го постави Иван Телегин.
„Мислам дека можеме да играме многу подобро отколку денес. Како да застанавме по 30-тата минута. Тоа не смееме да го правиме во продолжението на турнирот“, изјави рускиот хокејар Илја Ковалчук по убедливата победа.
Русија во петок ќе игра против Чешка, која ги елиминира Соединетите Американски Држави од олимпискиот турнир, додека другиот полуфинален пар ќе го формираат победниците на натпреварите меѓу Канада и Финска, како и меѓу Шведска и Германија.