На свечена церемонија на античкиот стадион „Панатенаик“ во Атина, каде што во 1896 година беа одржани првите модерни Олимписки игри, попладнево олимпискиот оган ќе им биде предаден на организаторите на ЛОИ „Париз 2024“, јави дописничката на МИА од Атина.

Откако олимпискиот оган минатиот вторник беше запален во античка Олимпија, помина 11 дена низ цела Грција, денеска ќе го преземат организаторите на Летните олимписки игри, а утре ќе тргне за Франција, за првпат, по морски пат и на 8 мај ќе стигне во Марсеј.

На атинското пристаниште Пиреас веќе е закотвен историскиот едреник со три јарболи „Белем“, кој е подготвен, утре да го започне патувањето, пренесувајќи го олимпискиот оган.

Станува збор за брод стар 127 години, кој на првото патување во 1896 година, како товарен брод пренесувал шеќер од Западна Индија, какао и кафе од Бразил и Француска Гвајана до Нант.

Истата година кога бродот го започнал првото патување, во 1896 година, во Атина се одржаа првите модерни Олимписки игри, токму на стадионот каде што попладнево ќе се одржи и свечената манифестација.

Според најавите, олимпискиот оган на стадионот „Панатинаик“ ќе го внесе грчката шампионка во брзо одење Антигони Дрисбиоти и последниот штафетен факел ќе му предаде на капитенот на ватерполо репрезентацијата на Грција Јанис Фундулис, која на Олимписките игри во Токио го освои сребрениот медал.

Веднаш потоа, претседателот на грчкиот олимписки комитет, Спирос Капралос, официјално ќе му го предаде олимпискиот факел на претседателот на Организацискиот комитет „Париз 2024“ Тони Естанге.

Олимпискиот оган пред да пристигне на стадионот, повторно ќе помине низ улиците во центарот на Атина, откако сабајлево ќе пристигне од Коринт.

Во изминатите 11 дена, пламенот патуваше низ цела Грција, од најјужната до најсеверната точка, од исток до запад, од Крит до Александруполи и од Крф до Кастелоризо, поминувајќи низ 13 региони, седум острови, 43 градови, 41 општина, пет заедници, 10 археолошки локалитети и два олимписки музеи во Атина и Солун, односно вкупно 5.202 километри и 563 наутички милји.

Минатата сабота, на петтиот ден од штафетното пренесување, како што објави МИА, олимпискиот оган откако во текот на ноќта беше на Акропол, помина низ повеќе локации низ Атина пред да замине кон централна Грција.

Манифестациите во Грција, како палењето на огнот во античка Олимпија на 16 април, така и штафетното пренесување низ земјата и предавањето на организаторите во Атина, по пауза од четири години се одржуваат регуларно и се отворени за граѓаните, со оглед на тоа дека во октомври 2021 година и март 2020 година поради пандемијата сите свечености беа без публика, а олимпискиот оган за Зимските Олимписки игри „Пекинг 2022“ и Летните Олимписки игри „Токио 2020“ од Атина замина без штафетното да патува низ Грција, туку директно им беше пренесен на домаќините.

Летните Олимписки игри во Париз ќе се одржат од 26 јули до 11 август.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/04/2024 07:08