Пакет решение за сите прашања, бара лидерот на грчката опозициска партија Нова демократија, Кирјакос Мицотакис.

Како што јавува дописникот на МИА од Атина, Мицотакис, во интервју за „Политико.еу“, вели дека Грција треба да прифати договор само ако Скопје го промени Уставот и ги отфрли иредентистичките тврдења.

– Потребно е да биде пакет договор. Сите прашања треба да се решат истовремено. Не е само името, туку и иредентизмот, промената на учебниците… и на крајот и промена на нивниот Устав за да биде сигурно дека она што е договорено ќе се рефлектира во уставна промена, вели Мицотакис во интервјуто за „Политико.еу“, направено во Минхен каде што учествуваше на Конференцијата за безбедност.

Порталот потсетува дека малиот коалиционен партнер во грчката влада, Независни Грци, нема да поддржи никакво решение што го вклучува терминот „Македонија“, па така Ципрас, без согласност од Нова демократија, може да ја нема потребната поддршка во парламентот. Мицотакис, вели дека такви разговори можат да започнат кога Скопје ќе се согласи со условите на Нова демократија.

– Ако не сакаат сега да го сменат нивниот Устав, ние како партија, нема да започнеме дискусија, вели Мицотакис.

Како што вчера објави МИА, за пакет решение говореше и поранешната шефица на грчката дипломатија Дора Бакојани, а сега пратеник од Нова демократија.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/02/2018 00:08