Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров на заедничка прес-конференција со српскиот претседател, Александар Вучиќ во Белград вчера повторно ја спомена Македонија, истакнувајќи дека Москва не може „а да не биде загрижена за пасивноста на Европската Унија во врска со иницијативата што се појави од Тирана за т.н. тиранска платформа“, која, како што кажа, е „нескриен повик за создавање на ‘Голема Албанија’“.
– Примерите за тоа се доста вознемирувачки. Неодамна, кога беа одржани парламентарните избори во Македонија, претседателот на Парламентот, откако беше избран на функцијата, влезе во својот кабинет и на работната маса постави албанско знаме. Ова е во Македонија. Деновиве албанскиот премиер, Еди Рама, гордо кажа дека тој од Албанија го иницирал законот во Македонија со кој на албанскиот јазик му се дава статус на државен јазик во земјата – изјави Лавров одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата со Вучиќ, за време на неговата официјална посета на Србија.
На тој начин, рече шефот на руската дипломатија, се прекршува Охридскиот рамковен договор „кој сите ние го примивме како олеснување, бидејќи создаде основи за надминување на кризата во Македонија пред повеќе години“.
– Доколу овие постигнувања и договори сега се уништат, се што било сработено и договорено со големи напори, било да е тоа во Македонија, Босна и Херцеговина и на друго место во Западен Балкан, ќе биде изгубено. Ми се чини дека има доволно причини да побараме од Европската Унија да каже како ги исполнува своите сопствени одлуки и колку тоа кореспондира со довербата што и беше дадена од меѓународната заедница – изјави Лавров.