Грчката опозициска партија Нова демократија прашува зошто грчката Влада не излезе со коментар за употребата на фразата „македонски премиер“ од Меркел за време на вчерашната средба со Зоран Заев.
– На средина од преговорите за кои комплетно е одговорна владата, не е воопшто корисно, германската канцеларка да не го користи привременото име на соседната земја во ОН, како што е заведено во сите официјални документи на ЕУ, и да го нарекува господинот Заев, македонски премиер. Искрено се прашуваме зошто владата сѐ уште не го коментираше овој факт, вели портпаролката на Нова демократија, Мариа Спираки.
На денешниот брифинг со новинарите, Спираки, како што јавува дописникот на МИА од Атина, упати прашања до владата и за синоќешната изјава на коалициониот партнер во владата, Панос Каменос, кој рече дека не се согласува со тоа како владата управува со прашањето со името и ќе направи сѐ „за да не се даде името Македонија“.
– Нова демократија го прашува господинот Каменос: Ќе ја турне владата? Нова демократија го прашува господинот Ципрас: На средбата со канцеларката Меркел на самитот, оди како премиер или лидер на СИРИЗА, праша Спираки, по изјавата на Каменос, со која уште еднаш се потврди дека коалициониот партнер во грчката влада нема да отстапи од неговата позиција.