Известувачот за Македонија во Европскиот парламент, словенечкиот европратеник Иво Вајгл смета дека целата Европска унија конечно го сфатила значењето на земјите од Западен Балкан, а доказ за тоа е неодамна претставената Стратегија за проширување на ЕУ кон оваа група земји.
– Мислам, дека стратегијата на Европската комисија е многу сериозен и стратегиски ориентиран документ, тоа не е обичен годишен извештај, тоа е стратегија за идните десет години. Мислам дека тоа зборува дека целата ЕУ, цела Европа го сфати значењето на Западен Балкан, а во срцето на Западен Балкан се наоѓа и Македонија. вели Вајгл за МРТ, пренесува МИА.
Нагласува дека од самиот документ е видливо дека поддршката која ЕП и ја дава на Македонија во изминатите години се претвори во некаков стратегиски интерес и трајна ориентација на ЕУ сите држави од Западен Балкан да станат членки.
Вајгл потсетува дека сегашниот позитивен развој во Македонија почна порано и дека тој треба да се зачува со конструктивно партнерство меѓу владината коалиција и опозицијата.
– Во расправата ние истакнавме дека Македонија не е од вчера, туку дека позитивниот развој кој го забележавме по последните избори со новата Влада е граден врз достигнувањата од претходните периоди и дека не треба да се создава впечаток дека се почна вчера. Но тоа што е исклучително важно е Собранието во Македонија да создаде атмосфера на нормална демократска соработка и натпревар на идеи, но се треба да биде поврзано со интересот на државата, вели европратеникот.
– Не е можно да се замисли работата на Парламентот да биде ефикасна и прифатена од ЕУ и од нејзините држави, ако опозицијата ја бојкотира работата. Секогаш ја истакнувам одговорноста на владејачката коалиција дека треба да и даде признание и чувство на конструктивен партнер на опозицијата, особено ако е толку многу силна, како што е силна во Македонија. Според ова одговорноста за конструктивната работа во Парламентот ја имаат двете страни, додаде тој.
Вајгл не крие дека сега постои оптимизам за можниот напредок на Македонија во евро-атлантските интеграции.
– Јас сум голем оптимист. Верувам дека проблемот со Грција нема да биде онаа бариера преку која Македонија нема да може да помине. И на пленарната дебата јас истакнав дека земјите кои се членки на ЕУ не смеат да бидат пречка, да вршат притисок или да ги уценуваат државите кандидати. Тука се разбира мислев и на македонските соседи и мислам дека тоа беше и така сфатено, нагласи европратеникот.
Во тој контекст Иво Вајгл посебно инсистира на храбрите потези кои ги прават Скопје и Атина.
– Ме радува тоа што меѓу Скопје и Атина се разви еден култивиран и конструктивен дијалог и се надевам дека сето тоа ќе води кон резултат и дека нема улицата и демонстрациите во тоа да играат пресудна улога. За чекори кои водат напред потребни се храбри и одговорни политичари и оние кои нема да се уплашат од демонстрациите пред нивните канцеларии, додаде Вајгл.