Советникот од Алијансата за Албанците, Орхан Гафури, тврди дека денеска гласал против поставување на споменикот на Ќосето во Сопиште. Тој бара одржување на нова седница на која, како што вели, ќе гласа против. Вели дека крајниот резултат од гласањето е манипулација.
Советот на општина Сопиште на предлог на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ донесе одлука со која бара од донаторот на спомен-обележјето Андон Ќосето да се согласи да го отстапи на општина Сопиште и да биде поставен на територијата на општина Сопиште.
Според мнозинството советници во Општината, се предлага локацијата да биде на самиот влез, кај големиот кружен тек на патот за Сончев град.
Истата активност нема да биде на финансиски товар на општината, односно спомен-обележјето е веќе изработено, а за изработка на постаментот ќе бидат побарани донатори кои ќе имаат волја да помогнат, вели Јане Мицевски, претседател на Советот на Општина Сопиште.Советниците од СДСМ гласаа против бидејќи општината била во долгови и стравуваат, како што велат, од можни меѓуетнички тензии што може да ги предизвика поставувањето на Ќосето во мултиетничка општина.